МИСОВСКИ : ИЗБОРИТЕ ДА БИДАТ ОДВОЕНИ И ДА ОДИМЕ СО ЕДИНСТВЕН КАНДИДАТ ЗА ПРЕТСЕДАТЕЛ!

0
390

Изборите треба да ги издвоиме зашто тешко се води кампања и за претседател и за промоција на програма во кој правец ќе се движи државата, вели тој за „Фокус“

Потпретседателот на Собранието и лидер на НСДП Горан Мисовски, во интервју за најновиот број на неделникот „Фокус“, открива дека сите коалициски партнери имале првична средба со СДСМ, за да ги расчистат дилемите околу изборите. Според него, изборите треба да бидат одвоени и да настапат со заеднички кандидат за претседател. Воедно, посочува дека како европски фронт имаат поголем рејтинг од ВМРО-ДПМНЕ.

ФОКУС: Дали очекувате споени или одвоени избори?

МИСОВСКИ: Според мене, нема дилема дека треба да го почитуваме Уставот, како сите европски држави. Ако мандатот на претседателот е 5 години, тогаш мандатот на пратениците е 4 години. Изборите треба да ги издвоиме зашто тешко се води кампања и за претседател и за промоција на програма во кој правец ќе се движи државата. Тоа што Иванов своевремено прифати да биде само статист во изборниот процес, тоа е друго. Граѓаните треба да одберат претседател на сите граѓани и поинаков тип на кампања е.

ФОКУС: Но, во случајот изборите се премногу близу едни од други и затоа има финансиски, но и политички аргументи за спојување.

МИСОВСКИ: Единствен датум за спојување на изборите во уставните рокови е 5 мај, но се работи за Велигден. И 6 е неработен ден, па последен ден е 8 мај. Реков тешко се тера таа кампања.

Околу финансиите има една погрешна перцепција. И ако би биле споени, избирачките одбори, ливчињата, сѐ посебно се плаќа. Дополнителниот трошок нема да биде сериозен врз буџетот.

ФОКУС: Постои ли опасност која било страна, незадоволна од резултатот во првиот круг, да го бојкотира вториот круг и така да го доведе во прашање цензусот?

МИСОВСКИ: Да бојкотираш избори е легитимна политичка одлука, но не е добро за државата. И ВМРО да бојкотира, цензусот ќе го обезбедиме, зашто има најава за многу кандидати позади кои објективно стои структура и гласачи. Тоа е кукавички чин, како што се случи на референдумот. Мицкоски ги знаеше математиките и одлучи во последен момент да не оди.

ФОКУС: Како ќе настапите на претседателски избори? Во каква коалиција и со кој кандидат?

МИСОВСКИ: Мислам дека ќе одиме со единствен кандидат. Во овој момент во СДСМ спроведуваат анкети, преку кои ќе се дојде до човек што има најголема поддршка кај граѓаните. Логично е како парламентарно мнозинство и владина коалиција да го поддржиме тој единствен кандидат. Ние формираме европски фронт.

ФОКУС: Како ќе се позиционирате на парламентарните избори? Останувате ли дел од коалицијата на СДСМ?

МИСОВСКИ: Имавме првична средба со СДСМ сите коалициски партнери, во смисла да ги расчистиме дилемите дали изборите ќе бидат одвоени или заеднички, каде се гледаме како партии, околу делот на програмата итн.

НСДП овој период покажа дека е дел од сите сериозни процеси, сме биле и ќе останеме лојален партнер. Јас сум да ја продолжиме соработката, зашто нема друга опција, таа е таа европска коалиција што сакаме да ја испромовираме и која полесно ќе нѐ донесе до западната цивилизација.

ФОКУС: Како ги коментирате анкетите каде што опозицијата котира подобро?

МИСОВСКИ: Во 2016 година, сите анкети покажуваа победа меѓу 6 и 9 пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, но тоа не се случи и ние формиравме влада. Јас не се базирам на анкети, најдобра анкета е меѓу граѓаните. Плус, има и други анкети, каде што ние како европски сојуз сме 5-6 отсто пред ВМРО.

ЦЕЛИОТ ТЕКСТ ПРОЧИТАЈТЕ ГО ВО НОВИОТ БРОЈ НА НЕДЕЛНИКОТ КОЈ МОЖЕТЕ ДА ГО КУПИТЕ И ВО ЕЛЕКТРОНСКА ФОРМА НА ОВОЈ ЛИНК.