Министерство за здравство: Уништивме сомнителен инсулин од паралелен увоз во вредност од 330.000 евра

0
323

Уништивме сомнителен инсулин од стоковите резерви набавен со паралелен увоз во време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, реагираат од Министерството за здравство, откако опозицијата обвини дека власта пред два дена уништила половина тон инсулен вреден 1,5 милиони евра со рок на употреба до следниот јуни за да спроведе нов тендер за магнат близок до власта.

„Нема да дозволиме нашите граѓани да користат сомнителен инсулин. Уништениот инсулин од паралелен увоз е вреден 330 илјади евра, а не еден 1,5 милион евра како што говорат во нивната прес-конференција. Еден од најголемите проблеми во здравството во владеењето на претходната Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ беше набавката на лекови со паралелен увоз и сомнителен квалитет“, стои во соопштението од Министерството на чело со Венко Филипче.

Од таму додаваат дека со донесените измени и дополнувања на Законот за лекови и медицински средства, сега сите пациенти со дијабетес имаат оригинални инсулини со сертификат за квалитет.

„Пациентите користат квалитетни и оригинални инсулини. Не е како порано пациентите да не знаат каков инсулин примаат. Прашајте ги пациентите дали беа задоволни од инсулините од паралелен увоз со сомнителен квалитет и потекло. И прашајте ги сега, колку се задоволни од новите инсулини кои се оригинални. Воведовме три нови типови на инсулини, кои се најнова генерација на лекови“, истакнуваат од министерството.