Министерство за здравство: Обезбедуваме дополнителни болнички капацитети за болните од Ковид-19

0
138

Министерството за здравство денеска информира дека и покрај големиот притисок врз болниците во државата, кои се побрзо се исполнуваат со ковид-пациенти, обезбедени се слободни места на повеќе клиники, Институтот за белодробни заболувања Козле, како и на интерните клиники.

-Сите болници и медицински кадар се целосно мобилизирани. И во болниците низ државата, секојдневно системот се менаџира, помеѓу постојаните инфективни одделенија во здравствените установи и модуларните болници, се наведува во соопштението од Министерството за здравство.

Оваа здравствена криза погодена од третиот и, како што стои во дописот – можеби најсилен бран досега, е присутна насекаде – кај нас, во регионот, во цела Европа.

-Состојбата е критична, но граѓаните не треба да се грижат, оние кои имаат потреба во секое време добиваат соодветна здравствена грижа и третман во болниците, се потенцира во соопштението.

Министерството за здравство упатува апел до сите граѓани да ги почитуваат мерките за заштита од вирусот Ковид-19 и ги повикува секој индивидуално да даде свој придонес во борбата со корона вирусот и да им помогне на здравствените работници, во оваа исцрпувачка битка која трае повеќе од една година.

Претходно денеска Министерството соопшти дека во изминатите 24 часа во ковид центрите во болниците низ земјава е пријавено дека се лекуваат вкупно 1036 пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот. Вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот кои се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава е 1739 и има околу 220 празни болнички кревети во ковид-центрите