Денеска (02.12.2023) министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски заедно со министерот за транспорт и врски Благој Бочварски остварија работна посета на Куманово.
Министерот Спасовски пред СВР Куманово, една од капиталните инвестиции на МВР потсети на реконструираните објекти на подрачјето на СВР Куманово, во насока на подобрување на материјално-техничките услови за работа на полицијата.
“Нема полициски објект на подрачјето на СВР Куманово кој не е реконструиран. А претходно беа заборавени со децении… Притоа, инвестиравме ни помалку ни повеќе туку 65 милиони денари, средства од буџетот на МВР. Објектот на СВР Куманово претставуваше навистина голема инвестиција, со вложени 47,2 милиони денари од буџетот на МВР, кој стана гордост на МВР од 2021 година наваму. Тоа го кажуваат полициските службеници што работат во него, а што е уште поважно тоа го забележуваат и граѓаните кои ги остваруваат своите граѓански права и обврски тука”, истакна министерот Спасовски во изјава за медиумите.Тој потсети дека објектот на СВР Куманово датираше од далечната 1929 година, а реновирањето на објектот беше изведено во повеќе фази, со оглед на неколкуте организациони единици опфатени со проектот, во кои максимално се испочитувани стандардите за енергетска ефикасност.
Министерот Спасовски појасни дека истата година беа завршени и реконструкциските работи на објектите на уште две организациони единици при СВР Куманово, и тоа на Полициското одделение Ранковце и од Полициската канцеларија Старо Нагоричане, а првиот реконструиран објект на ова подрачје беше Полициската станица Кратово, завршена уште во 2019 година, за веќе следната година беше завршен и објектот на Одделението за внатрешни работи Крива Паланка, објект во амортизирана состојба, во кој за првпат откако е во владение на МВР се направија градежни интервенции.
Министерот Спасовски во оваа прилика се надоврза и на инвестициите реализирани од страна на Владата во овој регион.
“Речиси и да нема сегмент во кој не инвестиравме периодов наназад. Реконструиравме дел од водоснабдителниот систем во Куманово, се работеше на изградба на фекален колектор во Речица, изградба на канализација во Тромеѓа, набавивме специјален ровокопач – натоварач за зимско одржување на улиците, набавивме специјално возило за отстранување на непрописно паркираните возила. Обезбедивме средства за доопремување на детската градинка со капацитет за нови 60 деца, работевме и на друг проект за адаптација на просторот на Пионерскиот дом во градинка за 40 деца”, рече Спасовски, споменувајќи ги инвестициите, санациите и делумните реконструкции на ОУ „Бајрам Шабани“, „Наим Фрашери“, на „Браќа Рибар“ во Сопот, во Гимназијата „Сами Фрашери“ и Средното уличиште „Перо Наков“, па спортска сала во училиштето „Наце Буѓони“ и во ОУ„Јероним Де Рава“, потоа Меморијалниот центар „АСНОМ“ на Пелинце, а во тек се активностите во култната Соколана и спортската сала.
“Би можел да набројам уште многу проекти од инфраструктурата за кои централната власт инвестираше и помагаше во развојот на Куманово, сѐ со цел да го вратиме сјајот на нашиот град”, подвлече Спасовски, потенцирајќи дека таа поддршка за развој на регионот ќе продолжи, бидејќи Куманово тоа го заслужува.