Денес, во рамки на заедничката седница на Владите на Северна Македонија и Косово, што се одржа во Приштина, министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, одржа билатерална средба со Заменик-претседателот на Владата на Република Косово, Бесник Бислими, задолжен за европска интеграција, развој и дијалог.
На средбата се разговараше за унапредување на соработката во процесот на реформите и приближувањето кон Европската Унија, при што беше нагласена важноста на меѓусебната поддршка и размена на искуства во спроведувањето на реформите и усогласувањето со европските стандарди.
Министерот Муртезани ја истакна заложбата на Република Северна Македонија за продолжување на конструктивниот дијалог со Косово, како важен придонес за регионалната стабилност и заедничкиот развој. Во тој контекст, беше потенцирана и улогата на ИПА III програмата за прекугранична соработка (2021–2027), која претставува пример за ефективна меѓусебна соработка насочена кон заштита на животната средина, економски развој и зајакнување на локалните заедници.
Двајцата соговорници се осврнаа и на меѓусебната координација во процесот на имплементација на Реформските агенди на двете земји и изразија оптимизам за натамошно јакнење на билатералните односи, со акцент на заедничката посветеност за европските интеграции и остварување на визијата за стабилен, просперитетен и европски Западен Балкан.