МИНИСТЕРОТ ЗА ТРАНСПОРТ БОЧВАРСКИ НЕМА СТАВ ДАЛИ Е ЗАГРОЗЕНА БЕЗБЕДНОСТА НА АВИОСООБРАЌАЈОТ ПО НАМЕРАТА НА МНАВ ДА ГО ПОНИШТИ ОГЛАСОТ ЗА КОНТРОЛОРИ НА ЛЕТАЊЕ

0
375

Министерот се вади дека МНАВ е независно друштво, иако тоа е прибежиште за многу партиски вработувања поради големите плати. – Бочварски на промоцијата на неуспешната авиолинија Софија – Скопје.

Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски не одговори на прашањето на САКАМДАКАЖАМ.МК дали смета дека е ризично по безбедноста на авиолетовите, директорите во МНАВ да го поништат огласот на кои победија осум најдобри кандидати за почетна школа во Данска за контролори на летање.

Бочварски нема да испрати став, зашто Владата ќе каже генерален став за овој проблем и тој ќе ѝ даде предност, ни беше кажано од неговиот кабинет.

Во Министерството за транспорт и врски години наназад министрите не се мешаат во работата на Македонската навигација (МНАВ), со образложение дека тоа е акционерско друштво, со свој, самостоен буџет. Официјално не се меша Владата во ова владино акционерско друштво, но е главен колач за распределба на ресорите меѓу сите коалициони партнери досега. Преку директорите, односно управниот одбор што ги местат владејачките партии, потоа тие бутаат и размножуваат во ова високобуџетно акционерско друштво, без контрола, измислувајќи разни работни места како советник на советникот и други небулозни звања.

За тоа колку е ненадлежен министерот за транспорт и врски, зборува примерот кога поранешниот министер Антони Пешев во ноември 1993 година, по двете авионски несреќи во Македонија, си поднесе оставка од функцијата.

Како што објави вчера САКАМДАКАЖАМ.МК, тројцата членови на управниот одбор на МНАВ, на чело со претседателот Фахрудин Хамиди, сакаат да го пропаднат огласот на кој реномираниот тренинг-центар од Данска „Гејт авиејшн тренинг“, по добиен тендер од МНАВ и согласно препораките од Еуроконтрол, избра 8 најдобри, од вкупно 270 пријавени кандидати за школување за контролори на летање.

Коментирале дека: „Чекај, па овие 8 се ничии деца“. Иако меѓу осумтемина најдобри има тројца Албанци, интелигентни деца кои покажале меѓу најдобрите резултати, сепак менаџментот во состав на директорите: Фахрудин Хамиди, Миѓен Селмани и Влатко Крстевски, не биле задоволни што не влегле тие на списокот од партијата, како ни синот на Селмани и двајцата синови на Крстевски.

Сега преку комисијата за спроведување на огласот, тројцата купуваат време за да дојдат тие 90 дена и да пропадне огласот, со тоа што бараат од неа да му наложи на Данскиот тренинг-центар да достави податоци и бодовна состојба за сите 270 кандидати. Бараат детален извештај со колку бодови паднал секој од нив, но извештај и за осумте – зошто баш тие имаат највисоки бодови??

Според Синдикатот и според Здружението на контролори на летање, директорите Фахрудин Хамиди, Миѓен Селмани и Влатко Крстевски намерно не ги праќаат осумтемина на школувањето за кое течат роковите. Чекаат, кај и да е, да поминат 90-те дена од објавување на огласот и тој да пропадне. Откако ќе го пропаднат, тројцата директори сакаат да распишат нов, и по свои, а не по правилата на Еуроконтрол, да извршат избор на кандидати за почетно школување, првенствено, нивни деца и деца на функционери на ДУИ.

Целиот случај прераснува во безбедносното прашање не затоа што во моментов нема квалификувани контролори, туку затоа што раководството на МНАВ ја одложува обновата со нов кадар. Станува збор за професија каде што за да „порасне“ нов контролор треба да поминат најмалку уште две години обука и тренинг, а сообраќајот на македонското небо поради пренасочување на летовите предизвикано од затворениот украински воздушен простор веќе е многупоинтензивен отколку пред ковид кризата.

Со протестната нота пак која ја доставиле контролорите на летање од МНАВ кои учествувале како надзорници на процесот на избор на кандидати на огласот, поддржани со потписи од контролори – колеги кои не се назначени на овие места, бараат да бидат вратени по систематизација на нивните основни работни звања и места. Бараат да си работат само како контролори на летање, не сакаат да учествуваат во ваков нелегален процес на рушење на огласот и на најдобрите кандидати и спроведување на партиски агенди за вакво високобезбедносно прашање.

Ги упатуваат директорите да пробаат да најдат контролори на летање кои ќе го спроведат нивниот повторен оглас, без фис-тест или со тест на кој ќе дозволат нивните и партиските деца да препишуваат, а кој не е по високите стандарди на Еуроконтрол.

Извор : СДК.МК