МИНИСТЕРКЕ САМИ СИ ПРИЗНАВАТЕ ШТО СТЕ СТОРИЛЕ!

0
798

Министерке, уште нешто ќе ви напишам! Ми тежи неправдата што ми ја нанесовте после парламентарните избори 2014. Ќе ве потсетам на иронијата, што ми ја приредивте.

Screenshot_1

Членот 9 од Изборниот законик предвидува дека од моментот кога ќе бидат утврдени како кандидати, на „овластените службени лица” во МВР и Министерството за одбрана, владините обврски привремено им мируваат. Оваа одредба има за цел да спречи злоупотреба на државните ресурси и да го избегне конфликтот на интереси кои се вградени во двојната улога на службеното лице кое е вработено во клучното министерство и е кандидат во текот на изборниот период. Оваа одредба посебно важи за Министерот за внатрешни работи кој има овластувања врз клучни аспекти од изборниот процес, пишува во извештајот на ОБСЕ/ОДИХР.

На претпоставените старешини во МВР, повеќе пати им укажав на горецитираниот извештај и се повикав на Вашите повторувања дека сите сме еднакви пред законот. Очигледно дека не бевме!
Јас како кандидат за пратеник во ИЕ 1 по сила на Изборниот закон (член 9), како полициски службеник веднаш го ставив мојот работен однос во мирување, користев неплатен одмор, ми беше прекинат работниот стаж, не бев здравствено осигурена, а не беа ниту моите три деца и не земав плата. Пред почетокот на парламентарната кампања, Вие веднаш (истиот ден) ми потпишавте решение за мирување на работниот однос. По завршување на изборниот циклус, по сила на закон, наредниот ден поднесов барање за враќање на работното место. Овој пат, воопшто не бевте експресно брзи! Решението за продолжување на работниот однос, ми го дадовте дури после 19 дена, иако јас редовно одев на работното место и бев испраќана на извршување на разни полициски задачи. Вие незаконски ми направивте дополнителен прекин во работниот стаж.

За разлика од Вас, Гордана Јанкуловска, како носител во ИЕ 2, како прв полициски службеник, користивте, поточно злоупотребувавте, ресурси на Министерството. Ова не е мое тврдење, така пишува во извештајот на ОБСЕ/ОДИХР. Вие Министерке, имавте непрекинат стаж и здравствено осигурување… плата и прекувремени часови, возила, обезбедување… И наспроти конфликтот на интереси, имавте полициски овластувања врз клучните аспекти од изборниот процес… И покрај јасните законски одредби, Вие не се повлековте од функцијата. И покрај тоа што бевте кандидат во изборната трка. Не го испочитувавте извештајот на ОБСЕ/ОДИХР. Деновиве слушнавме и зошто!

Министерке, после се што слушнав, не ми треба доказ кој ве снимал! Законски или незаконски!!! Вие сами признавате што сте сториле! Ирелевантни ќе бидат доказните средства од типот на сведоци, кои верувајте, без разлика дали се заштитени-незаштитени, загрозени, сведоци под псевдоним, нема да ве штедат. Да не споменувам вештачења, аудио снимки и електронски записи…

Затоа, Министерке ќе ви кажам. Како поранешен полициски службеник, со долгогодишен стаж во областа на економскиот криминал, верувам дека има основи на сомневање (сознанија кои врз основа на криминалистичкото знаење и искуство може да се оценат како доказ за сторено кривично дело), вие Министерке може да бидете кривично гонета затоа што:

-Во повеќе наврати, во подолг временски период, во повеќе изборни циклуси, сте ја злоупотребиле службената положба и овластување, на начин што искористувајќи ја службената положба на министер за внатрешни работи сте ги пречекориле границите на службените овластувања со тоа што активно сте се вклучиле во вршење на изборниот криминал.

-Како министер за внатрешни работи сте биле свесна за изборниот криминал вршен од страна на припадници на МВР и партиски функционери, дури и сте планирале провоцирање и навлекување на тежок изборен криминал на политички конкуренти и селективно објавување на изборните инциденти.

-Како министер за внатрешни работи сте ја поттикнале на кривично дело односно на „неизвршување на службената должност“ одговорната во секторот за внатрешна контрола, Анета Станчевска, за да се прикријат трагите од изборните насилства на осомниничените полицајци, за кои сте свесна дека биле вклучени во сериозен криминал.

-Како министер за внатрешни работи сте ја злоупотребила моќта и државната институција-Министерството за внатрешни работи на Република Македонија противзаконски и противуставно сте го претвориле во штаб на партијата ВМРО ДПМНЕ.

-Како министер за внатрешни работи сте ја изложиле на подбив етничката ромска заедница.

-Како министер за внатрешни работи сте извршиле повеќе кривични дела против изборите и гласањето и сте биле свесна за сторениот криминал (со запишување на голем број нови избирачи во една куќа) со што директно сте овозможиле вршење на нови кривични дела (да им бидат издадени лични карти на граѓани од Пустец, со кои тие ќе гласаат на изборите во Скопје и во други места) и најтрагично, сте се обидувале да ги прикрите трагите на извршените кривични дела, што само по себе е ново кривично дело.

-Вклучувајќи го вашето омилено кривично дело “Злосторничко здружување“, како министер за внатрешни работи сте создале група со цел вршење на горенаведените кривични дела, за кои, за само едно кривично дело може да се изрече казна затвор од три години или потешка казна, за што се заканува единствена казна затвор од …

Верувам дека еден ден ќе имаме Суд, кој навистина ќе ви суди и пресуди според Законот.

Но, министерке не се плашете! Можете да ја искористите поволноста што ја нуди новиот ЗКП, да се спогодите со јавниот обвинител (тоа повеќе од сигурно нема да биде Марко Зврлевски) и ќе добиете поблага казна, по слободна проценка, најмалку од 20 тина години…

И за крај една вицотека, со наслов објавен пред неколку дена на порталот „Нова“: МВР апелира, да не се објавуваат нови снимки на „Јутјуб“.
Министерке, согласно член 258 од ЗКП децидно е утврдено кој е овластениот орган за спроведување на посебните истражни мерки, кој располага со нив и кој има пристап до нив. Тоа се МВР (еден началник и еден-два полициски службеници) јавниот обвинител и судијата на претходна постапка. Не е никаков проблем да идентификувате пет-шест луѓе и да откриете како снимките од ПИМ мерки стигнале до „Јутјуб“. Сѐ, во согласно Уставот и законите. Чудни закони изгласавте Министерке. Ефективни закони во експресни постапки. Ги наменивте за други. Ќе ги почувствувате вие!

Јасминка Ангелова