Министерката Шахпаска денеска се сретна со новите членови на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација

0
262

Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска денеска се сретна со новите членови на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, кои добија поддршка од пратениците во Собранието со 61 глас „ЗА“.

Министерката на новоизбраните членови на Комисијата им укажа на значајноста на функцијата која ќе ја извршуваат, како и за големата одговорност и очекувања од страна на граѓаните.

„Законот за спречување и заштита од дискриминација е законско решение кое беше поддржано и од власта и од опозицијата. Комисијата за спречување и заштита од дискриминација која произлегува од ова законско решение треба да постапува надпартиски, непристрасно и  независно,  со нула толеранција кон сите облици на дискриминација. Конечно ќе испорачаме правда кон граѓаните,“ порача министерката Шахпаска.

Таа посочи дека преку изборот на новите членови на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, која за прв пат ја сочинуваат професионалци со искуство во полето за човековите права, ја  враќаме довербата на граѓаните.

„Создавање на независна, професионална и ефикасна Комисија за спречување и заштита од дискриминација, чија што задача ќе биде заштита на граѓаните кои се дискриминирани по кој било основ е потврда за нашите заложби во градењето на еднакво општество за сите,“ истакна министерката Шахпаска.

Таа воедно на новите членови на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација им посака успешна работа.