Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, на Фејсбук им се заблагодари на сите што учествуваа во вчерашната акција во Струмица и во други градови во земјава за откривање финансискиот криминал и додава дека со акцијата покажале дека сплотениот тим е посилен од сѐ. Притоа таа открива дека лично учествувала во претресите во Струмица, нешто што досега не е забележано, односно министер лично да учествува во ваква истражна акција.
-Сакам да искажам огромна благодарност до Управата за јавни приходи и директорката Елена Петрова, а особено до колегите од Струмица и другите градови кои денес заедно со мене цел ден неуморно работеа во спроведување на акцијата во Струмица. Дел од нив директно со мене во Струмица, а дел и низ други градови на Македонија. Исто така, огромна благодарност до Министерството за внатрешни работи, Бирото за јавна безбедност и Царинската управа кои беа огромна поддршка на колегите од УЈП.
Денес покажавме дека сплотениот тим е посилен од сѐ. Продолжуваме посветено и одговорно за доброто на сите, напиша министерката на социјалната мрежа. Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција вчера постапуваше поради основи на сомневања за сторени кривични дела од областа на финансискиот криминал, односно „даночно затајување“, „даночна измама“ и „перење пари и други приноси од казниво дело“ на група субјекти.
Предметот е оформен по доставено известување од страна на Министерството за внатрешни работи за сознанија до кои дошла Управата за јавни приходи. „Заради докажување на основите на сомневање за сторување на наведените кривични дела, на барање на предметниот јавен обвинител, судија на претходна постапка при Основен кривичен суд Скопје издаде наредби за претрес на дом и други простории на повеќе локации во повеќе градови“, посочија вчера од Обвинителството.