МИНИСТЕРКАТА ЗА ФИНАНСИИ, ДИМИТРИЕСКА КОЧОСКА : АКО НЕ СМЕ НИЕ, „ДРЖАВНИ ПАТИШТА“ НЕ МОЖЕ ДА ЈА ИСПЛАТИ ГОДИШНАТА КРЕДИТНА РАТА

0
237

Министерката за финансии Гордана Димитриеска – Кочоска вели дека голем притисок којшто се прави врз Буџетот доаѓа од исплатата на гаранциите, односно кредити за одредени јавни претпријатија и акционерски друштва во државна сопственост коишто не се во состојба да ги вратат парите. Во гостувањето во централниот дневник на националната телевизија, таа потенцира дека сериозна тежина претставуваат исплатите на гаранциите кое влијае на реализацијата на инвестиции.

– Станува збор за сериозна тежина којашто се прави врз Буџетот од исплатата на гаранциите, затоа што поради корупција и криминал некои претпријатија се уништени и сето тоа паѓа на товар на државата. И наместо да обезбедиме 100 милиони евра за инвестиции во здравство, образование и слично, ние враќаме гаранции, односно кредити на јавните претпријатија коишто не се во состојба да ги вратат. На пример само за ЈПДП годинава сервисираме 90 милиони евра. Ако до минатата година ова претпријатие било во состојба да плати една рата во годината, сега не може да сервисира ниту една, потенцира Димитриеска-Кочоска.

Во вестите на МРТ додаде дека тоа се случува во момент кога Буџетот е во тешка состојба, а државата како крајна инстанца мора да обезбеди пари за враќање на кредитите. Билатераниот заем од Унгарија, според министерката не прави дополнителен притисок врз Буџетот, бидејќи, како што вели, износот од 500 милиони евра е предвиден од претходната Влада. -Она што го правиме ние е обезбедување поевтини пари. Односно доколку отидевме со изддавање еврообврзница ќе добиевме средства со камата од над 6%, а овој заем е со камата од 3,25%, рече Димитриеска-Кочоска.