Миленко Неделковски и неовластениот снимач кривично ќе одговараат!

0
548

Во врска со денешниот кривично-правен настан, во кој сторители на најмалку едно кривично дело се водителот Миленко Неделковски и уште едно, засега непознато лице, сакам да известам за следново:

Монструозниот пост на Неделковски за мојата ќерка Елена Героска, заедно со неговиот идиотски текст кој не е предмет на мојот интерес, како и со двете фотографии од мојата ќерка, е регистриран со скрин-шот. Бришење нема! Од текстот на постот јасно се гледа дека Неделковски и снимачот ЗНАЕЛЕ дека не двете фотографии е мојата ќерка (и јас и таа денес тоа го потврдивме во полиција). Неделковски ЗНАЕЛ дека една од двете снимки е снимена во објектот на „Рамстор“ (самиот пишува за тоа), каде што НЕ Е ДОЗВОЛЕНО снимање. Со други зборови, Неделковски ја објавил на својот ФБ профил снимката која е НЕОВЛАСТЕНО СНИМЕНА и тој ЗНАЕЛ за тоа.

На тој начин, Неделковски неспорно сторил кривично дело, за што од понеделник од мојата ќерка Елена ќе добие приватна кривична тужба. Неговиот адвокат подетално ќе му објасни по кој член и за што ќе одговара. И тоа е веќе завршена работа – кривично дело има, сторителот е познат, доказот е спремен, се гледаме на суд!

Откако ќе биде откриен и другиот сторител на кривичното дело, снимачот, за што веројатноста е огромна, Елена и против него ќе поднесе приватна кривична тужба. За таа цел, заради благовремено откривање на сторителот, ние денеска го пријавивме кривично-правниот настан во Првата полициска станица во Скопје. Од одговорниот сменоводител и од ангажираниот инспектор од соодветната служба во МВР (за да можат покомотно да си ја вршат работата, нема да ги спомнувам нивните имиња) добивме уверување дека ќе биде спроведена брза и квалитетна истрага, за што постојат сите можни претпоставки.

Имено, клучен е фактот дека снимачот, кој во банката најверојатно го прислушувал мојот разговор со службеничката и потоа ја следел Елена до „Рамстор“ и таму неовластено ја снимил, веројатно не знаел дека и самиот бил сниман на најмалку две места и тоа – овластено! Истрагата може сосема легално да ги добие снимките од двете места и лесно да го открие. На местото каде што е извршено неовластеното снимање во „Рамстор“, постојат дури неколку безбедносни камери. Нема бегање!

Полицискиот инспектор го предупредив дека овој пат работата ќе ја истерам до крај и нема да се повлечам, како во претходните случаи кога примав закани за моите деца и за себе и кога моите пријави во полиција завршуваа во кош. Овој пат НИКОЈ НЕ МОЖЕ ДА МЕ СПРЕЧИ да го откријам сторителот! Никој, дури ни обвинителот, кој утре ќе биде службено известен за записникот од Првата полициска станица.

Ако биде неопходно, истрагата ќе ја спроведам самиот. „Рамстор“ е должен на секој свој клиент да му гарантира безбедност, а ако е таа нарушена, мора да му помогне да го открие сторителот. Во спротивност, „Рамстор“ ќе биде тужен и тоа нема да биде добро за неговата репутација.

Повторно нагласувам, никој не може да ме спречи да го откријам сторителот! Можно е да не го препознаам, но тогаш ќе го објавам и ќе ја повикам целата македонска јавност да ми помогне заедно да го препознаеме. Некој ќе го препознае шупакот. Едноставно, нема шанси да се скрие! Ни тој, а ни Миленко.

В понеделник ќе се информирам за тоа до каде е истрагата. Доколку почувствувам дека има било какви обиди за спречување на истрагата, ќе ги објавам имињата на инволвираните полициски службеници, како и името на обвинителот, а за целиот случај ќе ја известам канцеларијата на ОБСЕ, како и јавноста. Овој пат, повторувам, нема да се смирам додека работата не ја истерам до крај.

Исто така, ја известив полицијата дека јас и моето семејство се чувствуваме загрозени и од овој момент ги користам сите средства да ја обезбедам нашата сигурност што ми ги дозволува законот.

Фејсбук статус на Бранко Героски