Од крајот на 2021 година кога опозицискиот бран резултираше со пораз на СДСМ на локалните избори го живееме времето на широката коалиција.
Раководствата и функционерите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ никогаш не биле поблиски и не соработувале повеќе. Двете големи партии кохабитираат на власт.
Се чини дека пред нас предстои уште едно крунисување на оваа плодна соработка во доменот каде што тие се најсреќни и наконструктивни меѓусебно, а тоа е градежништвото.
Имено во општина Гази Баба ќе се гради урбанистичко чудовиште од 50 илјади квадратни метри. Тоа се 16 згради со по над 10 ката на простор поголем од Ист Гејт Мол.
Проект од кој ќе профитираат единствено фирми блиски до раководствата на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, а ќе биде на штета на жителите на Гази Баба и Скопје.
Здружените фирми во овој бизнис повик се карактеризираат по низа на коруптивни скандали. Деталите околу овие фирми ќе ги испратиме до медиумите во нашето партиско соопштение.
Јасно е дека ВМРО-ДПМНЕ после седум години во опозиција не бира средства да ја наполни својата партиска каса. Додека за СДСМ овој ентузијазам од нивните пријатели од ВМРО-ДПМНЕ е добредојден бидејќи им овозможува непречено одвивање на криминалните активности. Монструозните Детални урбанистички планови кои ги сервираат градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ, потврдуваат дека партијата никогаш не ги штитела интересите на обичниот народ туку работела само за интересите на олигархијата и заедно со СДСМ им ја приредуваат мизеријата на жителите на Скопје и на Република Македонија.
Прес-конференција на портпаролот на Левица, Амар Мециновиќ.