Во своето прво прашање на седницата за пратенички прашања, пратеникот од Левица – Амар Мециновиќ се обрати до заменик-министерот за енергетика Мирослав Лабудовиќ, изразувајќи сериозна загриженост за енергетската зависност на Македонија, хавариите во електроенергетскиот систем и континуираното задолжување на АД ЕСМ.
„Значи секој пат кога сте тука имаме инциденти или хаварија во електроенергетскиот систем и позагрижувачки прилики во однос на финансиските средства на нашите државни капацитети” – посочи Мециновиќ навраќајќи се на крахот од 18 мај кога Македонија остана без струја.
Во однос на најновата хаварија во РЕК Битола, Мециновиќ укажа на информации дека причината можеби не е технички дефект, туку несоодветно и сомнително постапување:
„Вработени во РЕК Ботола, кои се административни работници, биле принудени да учествуваат во чистење на РЕК Битола од прашина и пепел кој предизвикал инцидент, а не кабелот. Тоа е драматично затоа што прво е погазување на работничките права. Второ, е драматично затоа што фирма доби тендер од 2,5 милиони евра, за вршење на тие дејности, формирана два месеци пред тоа, притоа без историја за вакви дејности. И трето, скандалозно е затоа што системите за заштита од тие хаварии очигледно заради корупцијата или не можат да се стават во функција или и понатаму продолжуваат да се уништуваат“ – заклучи пратеникот по однос на шестдневното нефункционирање на вториот блок на РЕК Битола.
„Втората работа е во однос на финансиите. Минатиот пат кога бевте тука спомнавме некои финансии и дека заклучно со третиот квартал, според Министерството за финансии, долгот на АД ЕСМ бил 165 милиони евра. Сега, после првиот квартал, тој долг е 183.563.000 евра, значи зголемен е за над дваесет милиони.
И откако ги имавме тие пратенички прашања до сега, имате задолжување на финансиски пазар кај банки уште триесет милиони евра” – истакна Мециновиќ.
„Дали планирате да го продадете и овој дел од државните енергетски капацитети на приватни компании? Дали е тоа поентата? Дали се води државниот енергетски систем кон крах за да се оправда неговата приватизација? И дали можеби повторно ЕВН ќе биде тој кој ќе ја добие зделката, вака, интуинитивно?” – праша пратеникот, но заменик-министерот Лабудовиќ и овој пат избегна одговор на прашањето.