Еден од најпознати рокери во регионот, Бора Ѓорѓевиќ, фронтмен на „Рибља чорба“, се наоѓа во болница во Љубљана каде е приклучен на респиратор, поради компликации предизвикани од белите дробови.
Тој е хоспитализиран во Љубљана, каде што инаку живее, а тамошните лекари прават сè што е во нивна моќ да му помогнат.
Но, на социјалните мрежи и во некои медиуми се појавија дезинформации за моменталната здравствена состојба на рокерот.
Сега во оваа прилика повторно се огласи менаџерот на Бора, Бане Обрадовиќ, кој остро реагираше на ваквите натписи на социјалните мрежи:
– Бора Ѓорѓевиќ се наоѓа во Клиничката болница во Љубљана. Тој е интубиран поради компликации предизвикани од хронична опструктивна болест на белите дробови. Лекарите даваат сѐ од себе за да ја подобрат здравствената состојба, особено бубрезите и црниот дроб. Тој ја добива соодветната терапија, Бора се бори херојски. Се појавуваат и некои натписи, особено на социјалните мрежи, кои не се добри, тие се злонамерни, што во овие моменти кон една легенда, која се бори за живот, не е коректно и не е човечки. Семејството не се огласува, бидејќи освен ова што е изнесено, нема повеќе што да се каже. Сите чекаме добри вести – рекол менаџерот на Бора за српски „Курир“.
Да потсетиме, како што неофицијално дознава „Курир“ од персоналот на болницата во понеделникот, состојбата на Бора сѐ уште е многу сериозна и опасна по живот, а тим од врвни експерти прави сѐ музичарот да излезе како победник од оваа животна битка.