Monday, December 2, 2024
3.8 C
Skopje

МЕМОВ : ФОНДОТ ЗА ПЕНЗИСКО И ИНВАЛИДСКО ОСИГУРУВАЊЕ ЌЕ БИДЕ ТРАНСФОРМИРАН ВО МОДЕРНА И РЕСПЕКТАБИЛНА ИНСТИТУЦИЈА КОЈА ЌЕ ОДГОВОРИ НА ПОТРЕБИТЕ НА ОСИГУРЕНИЦИТЕ

Директорот на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување, Никола Мемов, обраќајќи се во рамките на платформата во Владата – „100 % посветени на тебе“ посветена на ресорите социјала и здравство, истакна дека:

„Фондот за пензиско и инвалидско осигурување има две основни функции, редовна и навремена исплата на пензиите и обезбедување на правата од пензиското осигурување на сите корисници. Во однос на првата функција Владата ја гарантира исплатата на пензиите, ги надополнува потребните средства од буџетот преку трансфери и тука не треба да има никаква загриженост кај пензионерите.

Во однос на втората функција, морам да констатирам дека ако имаме беспрекорно функционирање во однос на исплатата на пензиите, кај обезбедувањето на правата имаме целосно друга слика. Имено во изминатите години е направен целосен дисбаланс во кадровската екипираност на филијалите во Фондот. Тој во моментов работи со пополнетост од 50 проценти на ниво на државата, во однос на предвидените работни места согласно систематизацијата.

Во некои филијали, како што се Тетово, Гостивар, Куманово имаме екипираност од 90 проценти, додека во Битола, Прилеп, Струмица, Велес, нема ни основен минимум на вработени за да тече процесот на работа непречено. Исто така имаше голем број на овластувања за прераспоредувања на вработените на несоодветни работни места. Во однос на потребните кадри презедовме чекори и побаравме согласност од Министерството за финансии за вработување на лица по договор за да обезбедиме минимум услови за функционирање на филијалите. Засега работиме со постојните ресурси, направивме прераспоредување на кадрите и веќе имаме видливи резултати. Во овој кус рок од еден месец откако сум на функцијата, успеавме да го намалиме бројот на нерешени предмети“.

Мемов потенцира дека финансиски ситуацијата е иста како во другите институции, договорите во целост се реализирани до јуни месец и средствата се потрошени, така што остануваат без средства до крајот на годината. Тој, исто така, рече дека претходно бил реализиран проект за фотонапонска централа во износ од 200 илјади евра, но без обезбедена лиценца за продажба на струјата и тој проект е стопиран по негова наредба.

„Фондот ќе биде трансформиран во модерна и респектабилна институција, која ќе ја гарантира исплатата на пензиите и остварувањето на правата од осигурувањето во законските рокови од 30 и 60 денови. Клучната цел на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување е зголемување на транспарентноста кон осигурениците и корисниците на пензии. Во план е да се направи нов Ај Си Ти систем кој што ќе ја обезбеди оваа транспарентност, ќе ја обезбеди сигурноста на информатичкиот систем, сигурноста на базите на податоците и ќе обезбеди достапност на сите услуги преку веб сервиси“, рече директорот на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување, Мемов.

ОВАА НЕДЕЛА

Најчитани

ПОПУЛАРНИ КАТЕГОРИИ