Сценариото вклучуваше заложничка ситуација со пратка од висока вредност, експлозија со импровизирана експлозивна направа и пожар во магацинскиот простор на Карго центарот на Меѓународниот аеродром Скопје.
На Меѓународниот аеродром Скопје денеска се одржа симулациска вежба за справување со заложничка криза во карго просторот, организирана од Министерството за внатрешни работи (МВР) и ТАВ Македонија. Вежбата имаше за цел да ја тестира подготвеноста на институциите и нивната координација при потенцијални безбедносни закани.
Во симулацијата учествуваа сите релевантни оддели на аеродромот, службите на МВР и националните служби за итни случаи. Сценариото вклучуваше заложничка ситуација со пратка од висока вредност, експлозија со импровизирана експлозивна направа и пожар во магацинскиот простор на Карго центарот на Меѓународниот аеродром Скопје. Преку оваа вежба, институциите ја тестираа својата способност за брза реакција, комуникација и ефикасноста на плановите за справување со кризни ситуации.
Директорот на Бирото за јавна безбедност при МВР, Александар Јанев, истакна дека вежбата е изведена на високо професионално ниво, со соодветна брзина и реакција на службите.
Фото: МВР
„Преку симулацијата на заложничка криза, ги тестираме капацитетите на институциите и нивото на подготвеност на сите засегнати страни. Безбедноста на виталните инфраструктурни објекти е од круцијално значење, а почитувањето и унапредувањето на безбедносните протоколи ни овозможува да се позиционираме на високо европско и светско ниво“, нагласи Јанев.
Заменик директорот на операции на ТАВ Македонија, Перо Лупевски, истакна дека вежбата е значаен чекор за подобрување на безбедноста на аеродромот и патниците.
„Со оваа вежба демонстрираме подготвеност, координација и професионализам во справувањето со потенцијални закани. Брзината на реакција и соработката меѓу службите се клучни за аеродромската безбедност. Благодарност до сите учесници за нивната посветеност.
ТАВ Македонија продолжува да инвестира во модернизација и обука за одржување на највисоките стандарди“, изјави Лупевски. Оваа симулациска вежба е дел од пошироките напори за унапредување на безбедносните процедури, ажурирање на плановите за итни случаи и зајакнување на соработката меѓу аеродромските и државните институции.
Заклучоците од вежбата ќе послужат за подобрување на обуките и координациските механизми, со цел зголемување на безбедноста и ефикасноста во идни вакви ситуации.