МВР ГО ДЕМАНТИРА ЧУЛЕВ : СПРОВЕДЕНАТА НАБАВКА Е ЗА ПОКВАЛИТЕТНИ ОБРОЦИ И ИНВЕСТИЦИИ ВО КУЈНСКА ОПРЕМА

0
472

Министерството за внатрешни работи ги демантира обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ за злоупотреби при доделувањето тендер за храна на приватна фирма. Од МВР велат дека станува збор за паушални обвинувања изнесени од страна на поранешниот технички министер за внатрешни работи, Наќе Чулев.

„Вистината е дека е спроведена јавна набавка по направени анализи и поставени високи критериуми кои треба да ги исполнува заинтересираниот економски оператор, а се однесуваат на вработени, техничка опременост како и гаранции за квалитетно извршување на услуга преку банкарска гаранција и осигурителна полиса за сите конзументи. Во периодот пред доаѓањето на министерот Спасовски во МВР за петте кујни кои ги поседува МВР не е водена потребната грижа ниту за стандарди, ниту за опрема, ниту за соодветен кадар – велат од МВР.

Оттаму додаваат дека во мандатот на министерот Спасовски биле направени анализи за функционирањето, опремувањето и идни стратешки одлуки со кои ќе се подигне нивото на квалитетот, со што три (ПЦ Ѓорче Петров, одморалишта Охрид и Пониква) од петте кујни се со висококвалитетни услови за работа, а останатите две (ЦО Идризово – ресторанскиот дел и одморалиште Крани – кујната) се предвидени за реконструкција во 2023-2024 година.

„Точно е дека е набавена опрема и тоа 11 парчиња кујнска опрема која е распределена во сите пет кујни согласно потребите. По согледаните бенефити и направена детална финансиска, материјално-техничка и анализа на човечките ресурси беше објавен јавен оглас за услуги за исхрана и за касарната Ѓорче Петров и центарот за обука Идризово, каде економскиот оператор ќе ги дава услугите во просториите на МВР, ќе ја користи опремата на МВР, но и на сопствен трошок ќе набави своја опрема за целосна реализација на услугите.

По завршената набавка избран е економски оператор, преку транспарентна јавна набавка во која беа поднесени пет понуди, кој оператор ќе ги дава услугите на двете локации во следните три години, за што се склучија рамковни спогодби, кои претставуваат рамка од која можат да се трошат финансиски средства согласно потребите на МВР, а не задолжение дека сите средства мора да се потрошат. Или преку пример: услугите ќе се активираат само ако и додека има кандидати на обука во центарот Идризово во следните 36 месеци – додаваат од МВР.

Во демантот се наведува и дека со спроведената набавка МВР ќе добие повисоко ниво на услуги од сегашното, поголем квалитет на оброците, инвестиции во објектите од страна на операторот од кои дел ќе останат во трајна сопственост на МВР, а ќе направи порационално користење на кадарот и финансиски заштеди, а не трошоци со целиот процес.