„На сите ни е познато дека особено град Скопје во последнава деценија е на врвот на најзагадени градови во светот и е горлив проблем на скопјани, а како резултат на загадувањето имаме се поголем број на хронично болни лица.
По една деценија единствено Владата на ВМРО-ДПМНЕ има слух и конкретен план за справување со загадениот воздух, кој премиерот во неколку наврати изјави за активностите на планот”, прецизираше во своето излагање советничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Град Скопје и член на Извршниот комитет на Унија на жени, Анета Марковска-Илиевска на денешниот поткаст „ВМРО-ДПМНЕ Зборува – Унија на жени” насловен „Предизвици на жените во политиката”.
Марковска Илиевска се осврна на актуелната состојба во градот, истакнувајќи дека тековните активности на градот и јавните претпријатија сега се главен фокус на советниците, кои се обидуваат да најдат решение за постоечкиот хаос.
„Состојбата во градот и во јавните претпријатија е загрижувачка, а тоа го чувствуваат жителите во секојдневното функционирање, почнувајќи од јавниот превоз, нехигиената, загадениот воздух, агресивните кучиња скитници, булевари со дупки и други секојдневни проблеми. Тековната работа на градот и претпријатијата стана приоритет на советниците и барање начин како да се намали хаосот. Наместо да се занимаваме со развојни програми и унапредување на истите, ние ја молиме градоначалничката да решава тековни одржувања. До таму сме сведени”, објаснува Марковска Илиевска.
Марковска Илиевска истакна дека градоначалничката се води од суета и лични интереси. Таа ја нагласи важноста на продолжувањето на борбата за Скопје, со надеж дека новото раководство ќе ги исполнува очекувањата на граѓаните и ќе го претвори Скопје во урбан и модернизиран град кој им припаѓа на сите.
„Лично сметам дека градоначалничката ја води суетата, ароганцијата и некои интереси за кои само таа точно ги знае. Но, борбата за Скопје продолжува – почисто и урбано Скопје, во надеж со новото раководство во градот кое ќе се промени годинава”, децидна е Марковска Илиевска.
Маркоска Илиевска истакна дека Скопје е град кој ја прифаќа различноста, како дом на многу различни заедници. Според неа, клучната улога на советникот е да ги препознае овие разлики и да предложи решенија кои ќе обезбедат правичен и инклузивен развој за сите граѓани. Таа нагласи дека позицијата на советник е одговорност која бара стратегија, визија и лидерство, како и способност за ефективно справување со комплексните предизвици на градот.
„Советничката улога во една општина, особено во град како Скопје, е предизвик со повеќе димензии поради сложеноста на проблемите, динамичниот урбан развој и различните очекувања на граѓаните. Градот Скопје е дом на многу различни заедници, со различни култури, економски статуси и приоритети. Советникот треба да ги земе предвид овие разлики и да предложи решенија што ќе бидат инклузивни и праведни. Да се биде советник во Скопје е позиција што бара визија, лидерство и способност за решавање на комплексни проблеми”, заклучува Марковска Илиевска.