МАРИЧИЌ – МАТУЕЛА : СКРИНИНГОТ ЌЕ ГИ ЗАБРЗА РЕФОРМИТЕ, НА ДОЛГ РОК ТОА СЕ БЕНЕФИТИ ЗА ГРАЃАНИТЕ

0
82

Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ попладнево во Брисел одржа работен состанок со вршителката на должноста директор за Западен Балкан во Генералниот директорат за соседска политика и преговори за проширување на Унијата, Микела Матуела и нејзиниот тим, кој ги следи нашите скрининг состаноци и напредокот на Северна Македонија.

На средбата теми на разговор беа почетокот на скринингот, актуелната политичка состојба во Северна Македонија, предизвиците кои ги носи зимата која доаѓа и заедничкото делување во таа насока, како и за следните активности и очекувања во рамки на билатералниот скрининг.

Маричиќ изразил задоволство од првите скрининг состаноци велејќи дека постои желба и посветеност од страна на администрацијата и институциите за успешно да се заврши процесот на преговори со Унијата.

-Отворањето на преговорите е успех за сите. Сега сме во фаза кога целото општество треба да се посвети на процесот на скрининг, кој несомнено ќе ги забрза реформите. Реформите на долг рок ќе значат бенефити за граѓаните. Мотивирани сме и тоа е добар знак дека ќе го завршиме скринингот онака како што и е планиран со Европската комисија, истакна Маричиќ на состанокот.

Матуела на состанокот посочила дека почетокот на преговорите даваат нов правец во развојот на Северна Македонија и дека сега е важно сите да се максимално посветени на овој процес, кој ќе ги забрза реформите и ќе ја трансформира државата на подобро.

Матуела додаде дека очигледен е и јасен ентузијазмот кај македонските тимови на скрининг состаноците и изрази верување дека тоа ќе продолжи да биде така и за време на билатералните скрининг состаноци, потенцирајќи дека заеднички ќе работиме, за сите препораки и совети од Европската комисија да ги искористиме правилно, во насока на побрзо и полесно исполнување на нашите задачи за членство во Унијата.

На средбата вицепремиерот Маричиќ ги брифираше претставниците на Европската комисија за преговарачката структура, напоменувајќи дека се прават последните консултации со сите општествени чинители и дека се бараат најдобрите, експерти во својата област, за да се комплетираат тимовите за преговори пред почетокот на билатералните скрининзи.

Како што соопштија од Кабинетот на Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, утре продолжува скрининг состанокот за поглавје 24 – Правда, слобода и безбедност, кој ќе трае два дена, а наредната недела продолжуваат состаноците со поглавје 23 – Правосудство и темелни права.