МАРИЧИЌ : ЗА СЕДУМ ГОДИНИ МОЖЕМЕ ДА БИДЕМЕ ЗЕМЈА ЧЛЕНКА НА ЕУ

0
439

Треба да бидеме горди на еден процес кој за прв пат се случи во овие две години, а тоа е процесот на отворање на преговорите кои ги отворивме минатиот јули после 17 години, и имавме интезивен период од 15 месеци, на учество во скринингот, кој се затвори минатата недела. Околу 100 работни дена, 1000 учесници, 850 презентации. Она што го приметивме таму е дека не сме толку далеку од ЕУ, но исто така не смееме да стоиме повеќе во место.

Ова го порача заменикот на Претседателот на Владата за европски прашања, Бојан Маричиќ на отворената трибина за граѓаните од кампањата ,,Ние сме Европа“, посветена на темата – енергетикa во Куманово.Тој посочи дека се она што можело да се направи без крупни одлуки во Собранието, е направено. Како и дека половина сме усогласени со европското законодавство и ги применуваме европските стандарди, но има уште многу работа.

-Пред само седум години бевме држава во сериозна политичка криза држава која беше означена како заробена држава. Денеска сме веќе со започнати преговори, а за само седум години можеме да бидеме членка на ЕУ. Затоа да продолжиме по овој пат бидејќи таму припаѓаме. Да живее европско Куманово, да живее Европска Северна Македонија, порача Маричиќ.