МАНДАТАРОТ МИЦКОСКИ ДЕНЕС ДО СОБРАНИЕ ЌЕ ГО ДОСТАВИ ПРЕДЛОГОТ ЗА ФОРМИРАЊЕ НОВА ВЛАДА

0
69

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска ќе го достави предлог составот за новата влада до Собранието на Република Северна Македонија, информираа од ВМРО-ДПМНЕ.

Потоа Мицкоски ќе одржи прес-конференција.

Гласањето за новата влада се очекува да се случи овој викенд. Собраниската седница за избор на новата влaда се очекува претседателот на Собранието Африм Гаши да ја закаже за сабота во 11 часот, а таа треба да заврши најдоцна до недела на полноќ.

Потребни се 61 пратеник за да се изгласа влада.

Мицкоски, кој е и мандатар, во неделата по седниците на Извршниот и Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕги кажа предлозите за министри во новата влада.

Предлог за заменик претседател на владата и министер за транспорт ќе биде Александар Николоски. За министер за одбрана ќе биде предложен Владо Мисајловски. Предлог за функцијата министер за финансии ќе биде Гордана Димитриеска Кочоск, за надворешни работи и надворешна трговија ќе биде Тимчо Муцунски, а предлог министер за локална самоуправа ќе биде Златко Перински.

Стефан Андоновски е предложен да го води Министерството за информатичко општество и дигитална трансформација, Борко Ристовски е предложен за Министерството за спорт, а предлог министер за енергетика, рударство и минерални суровини ќе биде Сања Божиновска.

Предлог за министер за земјоделство, шумарство и водостопанство е Цветан Трипуновски, за култура и туризам е актерот Зоран Љутков, а предлог за министер за внатрешни работи останува Панче Тошковски кој во изминатите речиси четири месеци ја извршуваше функцијата технички министер во ова министерство. Предлог за министер за образование и наука ќе биде професорката Весна Јаневска.

Од коалициските партнери на ВМРО-ДПМНЕ се предложени Љупчо Димовски од Социјалистичката партија за заменик претседател на владата и министер одговорен за политички систем. Иван Стоилковиќ, претседател на Демократската партија на Србите во Македонија ќе биде предлог за заменик претседател на владата и министер кој ќе биде раководи со ресорот задолжен за односите меѓу заедниците. Шабан Салиу кој ќе биде предлог за министер без ресор задолжен за интеграција и имплементација на декада на Роми.

Идната влада, вклучувајќи го и Христијан Мицкоски како премиер, ќе брои 24 членови.

Новата владина коалиција во парламентарниот состав формиран по изборите на 8 мај, ќе има мнозинство од 78 пратеници од кои 58 се од ВМРО-ДПМНЕ, 14 од Вреди и шест од ЗНАМ.

Ова ќе биде прв мандат на Мицкоски како премиер на Северна Македонија. ВМРО-ДПМНЕ беше во опозиција од 2017 година, кога по изборите во 2016 падна владата на Никола Груевски кој доби политички азил во Будимпешта откако во земјава се најде како осомничен и обвинет во повеќе предмети од Специјалното јавно обвинителство.

Извор : Слободна Европа