МАКФАКС : МЕРКО ТУЖЕЛ СОГРАЃАНИН ОТИ ГО НАРЕКОЛ „КОРУМПИРАН“ И ДОЖИВЕАЛ ДУШЕВНА БОЛКА – НО НЕ КАЖУВА ДАЛИ ИСТОТО ЌЕ ГО СТОРИ ЗА СТЕЈТ ДЕПАРТМЕНТОТ

0
698

Струшкиот градоначалник Рамиз Мерко имал душевна болка бидејќи бил наречен „најкорумпиран и најнеморален“ и лице кое ја дели партијата ДУИ, сведочи тужениот стружанец Беќим Ќоку. Мерко, погоден од зборовите на сограѓанинот, правдата ја барал пред струшкиот суд, во кој сега се прави вонреден надзор бидејќи Стејт депарментот посочи дека градоначалникот влијаел врз судски предмети.

Градоначалникот минатиот месец бил во контакт со психијатарот Изабела Филов, која на девет страници пишува за вознемиреноста, немирот, стресот и притисокот по написот за неговата корумпираност. Еден месец по психијатриското вештачење за Мерко, стигна одлуката со која тој се најде на т.н. црна листа на САД поради корумпираност. „Макфакс“ го контактираше со прашања дали одлуката на Стејт департментот со обвинувања за корумпираност влијаела на исти начин како зборовите од сограѓанинот. Мерко, како и претходно, не одговори на пораката. Струшкиот градоначалник го тужи Ќоку за клевета и навреда.

„На ден 10.03.2023 година, тужениот, преку објавување на текст на интернет порталот „Вокс Струга“, спрема тужителот сторил груби клевети и навреда…. Видно од јавно објавениот текст, упатените зборови од страна на тужителот (нз) испишани со недоличен речник, а кои ќе ги цитираме подолу во рефератот на оваа тужба претставува клевета и навреда со кои се нарушува честа и угледот на тужителот“, стои во поднесената тужба преку битолскиот адвокат Игор Петковски.

Во тужбата се издвојува: „Тужениот Беким Ќоку од Струга во јавно објавениот напис тужениот го издвојува како корумпиран и ненормален“, па се додава: „Со оглед на тој факт, а како напоменавме погоре во оваа тужба имајќи предвид дека тужителот преживеа стрес по читањето на предметниот текст, истот пред поднесувањето на оваа тужба се обрати до вешто лице од медицинска струка – спцијалист по психијатрија, со цел да биде утврдена душевната болка кај него, а која настанала како последица на изнесените клевети и навреда од страна на тужениот“.

Во психијатриското вештачење, состојбата на Мерко е елаборирана на девет страници.
„После две недели, вознемиреноста и постојаните навраќања на јавно искажаните квалификации се смириле, но секојдневието, потпрашувањата од страна на познати за содржините на текстот, сомнежот како што вели, го гледал во очите на некои луѓе, се уште било причина за немир и постојана потреба да докажува дека тоа не е така….“, стои во вештачењето од психијатарот Изабела Филов направено во мај 2023 година.

Психијатарот за состојбата на Мерко има изработено и наод
„Макфакс“ по вторпат неделава се обиде да стапи во контакт со Мерко. Му испративме и прашања дали е потресен од искажаните ставови на Стејт департментот кој го стави на црната листа и дали ќе обезбеди судско-психијатриски наод за тоа – на што не добивме одговор. Прашавме и дали е потресен што САД го обвинува за корупција, како што претходно тоа го кажал неговиот тужен сограѓанин – но Мерко не даде свој став.

Потпишаниот наод од психијатарот
Минатата недела, Стејт департментот донесе одлука Мерко да се најде на црната листа. Градоначалникот побарал од ДУИ да му се замрзне членството во централните органи на партијата, што било одобрено. Барање за негово разрешување дојде од граѓани и политички партии, но не и од Али Ахмети и владините претставници.