Максим Димитриевски: Обвинителството е глуво за кумановските случувања!

0
1025

1. На истекот од двата месеца од дводневниот конфликт во Куманово, во кој животот го загубија осуммина припадници на МВР, вие како претседател на Советот на Општина Куманово, поставивте неколку прашања до премиерот Никола Груевски на кои до денеска не добивте одговор. Прашавте кој дозволи криминални групи да влезат во срцето на Куманово, зошто власта не спречила овие групи да влезат во Македонија и кого штити Јавното обвинителство и два месеца по инцидентот, молчи за случајот? Со оглед на тоа дека власта тешко дека ќе и ги даде овие одговори на јавноста, а СДСМ вети дека ќе направи се за да се дознае вистината за Куманово, ве прашувам најдиректно – имате ли вие сознанија за тоа кој е, како што велите Вие, сценаристот, а кој режисерот на кумановските настани?

Maksim

1. Кај нас се случи невиден безбедносен феномен кој цела Македонија ја завитка во црно, има многу поставени прашања а сеуште неодговорени. Груевски е должен кон сите нас без исклучок да одговори што навистина се случи. Го преживеавме Куманово сите заедно и се прашуваме… Зошто? Овие настани имаа сценарист а режисерите се тука. Бидејќи истрагата е во тек и верувам дека во институциите сеуште постојат професионалци, вистински патриоти кои што ќе успејат да се оттргнат од прангите на партизираните претпоставени и ќе ја расветлат вистината до крај. Иако овој настан ја постигна својата политичка цел, внесе страв и паника и ја одврати јавноста од актуелната политичка состојба и проектот Вистината за Македонија, ние од опозицијата ќе продолжиме да трагаме по одговорите и ќе вршиме континуиран притисок на власта да се расветли овој случај. Апелираме до сите кои што имаат било какво сознание да не контактираат за да не се дозволи вистината да се затскрие.

2. Неодамна, порталот „Кирилица“ излезе со приказна дека постои видео-снимка која ја потврдува вмешаноста на страктури од македонската тајна полиција во креирањето на инцидентот. Подоцна слични сомнежи иницираше и поранешниот полициски генерал Горан Митевски. Верувате ли дека инцидентот бил договаран и планиран, а потоа излегол од контрола.

2. Излегоа многу информации по сите портали кај нас и во регионот а некои од нив понудија и евентуални материјални докази со снимени разговори помеѓу високи оперативци на безбедносните служби и некои од терористите. Обвинителството треба да го следи случајот и да реагира соодветно, истрагата имам чувство дека свесно се одолговлекува а јавноста сеуште се држи под тензија. За жал состојбата со партизацијата и во обвинителството не дозволува на професионалците таму слободно да работат. Јас и не помнам во досегашната пракса во последните десет години обвинителството да постапило Екс Официо т.е. да отворило случај по допрен глас. Во овој случај со Кумановските настани и настаните на караулата Гошинце гласовите допираат од сите страни. Секако дека ставовите на луѓето со искуство и експертите како г-дин Митевски ги уважувам и ги сметам за сериозна основа за понатамошна анализа.

3. На прес-конференција обвинивте дека во МВР се делат парични обесштетувања и награди и на лица кои воопшто не учествувале во конфликтот. Можете ли да посочите конкретно за кои лица станува збор и што се крие во заднината на овие исплати?

3. Прв ви е случајот со г-дин Митко Чавков кој што заедно со Мијалков го координирал штабот при МВР формиран за овој настан. Наместо истиот да биде веднаш разрешен од тогашната висока функција, тој е награден со министерска фотеља, а за уставноста на одлуката и да не говорам. Началникот на СВР Куманово кој што е првозадолжен за безбедноста во регионот е сеуште на таа позиција иако според мене требаше веднаш да си поднесе оставка па дури и да се повика на одговорност а не да се наградува, во време на неговиот мандат во Куманово се инфилтрира цела чета милитанти кои што со елементи на урбан тероризам водеа дводневна војна со нашите полициски специјалци. Се испукаа повеќе куршуми отколку во периодот на втората светска војна како што велат постарите. Секако листата на наградените припадници на мвр се чува во тајност а и самите полицајци потврдуваат дека помеѓу нив има и многу од тие кои што пушка не допреле. Сите сознанија кои ги имаме ќе ги изнесеме во јавноста откако институциите ќе го расветлат случајот а многумина тогаш ќе поднесат командна одговорност наместо да добијат награда.

4. Дали граѓаните на Куманово чии домови беа разурнати се соодветно обесштетени? Владата соопшти дека веќе им се префрлени парите, но на терен се уште гледаме разурнати куќи? Кога очекувате да се нормализира животот во Дива населба и што вие како општина правите за да им помогнете на овие луѓе?

4. Владата изјави дека обештетувањето е во тек, оштетените граѓани кажуваат дека истото е недоволно и несоодветно, треба да ги видиме фактите, кој колку е обештетен и дали тоа е реално. Има голем број на лични и индивидуални донации. Советот веднаш одвои 2 милиони денари и се интервенира на инфраструктурата, општината преку својот штаб за заштита и спасување активно се вклучи во укажување на првичната помош до засегнатите сограѓани со давање на хуманитарни пакети но сето тоа го ставам во втор план. Најголемата помош е во тоа што покажавме невидено единство при тоа неводејќи сметка кој од која нација или вера сме. Граѓаните на Диво Насеље ја зајакнаа меѓусебната доверба на сите нивоа но ја изгубија довербата во институциите на системот. Токму поради оваа заедно со мвр воспоставивме режим на заеднички патролни служби во состав членови на советот, месната заедница и полицајци позорникари кои што работат на враќање на оваа доверба кон институциите.
За да се врати целосната доверба потребно е да се спроведе независна истрага за случајот од домашни експерти и лица со долгогодишно искуство во сегментот на безбедноста, едноставно да се утврди вистината.

5. Оставија ли лузни немилите настани врз соживотот на Македонците и Албанците во градот? Комуницирате ли редовно со албанското население?

5. Куманово по овој настан излезе посилно а Кумановчани посплотени и пообединети, преовладува чувството дека сме предмет на манипулација и исклучиво бевме искористени во политички цели за да се одвлече внимание од актуелни настани. Додека Европа го празнуваше денот на обединувањето а во Русија се славеше денот на победата над фашизмот кај нас се водеше дводневна контролирана војна, Куманово наеднаш стана центар на светот а сите светски медиуми известуваа за нас, ние тоа не го заслуживме. Го преживеавме заедно и оваа, во Куманово мора да живееме и ќе живееме нормално. Доколку сакаме да продолжиме да градиме мултиетничко општество без предрасуди ќе мора да ги менуваме сопствените навики, децата ни се поделени, ќе мораме одлучно да ги споиме и взаемно поврземе за да градат заедничка иднина, во спротивно многу лесно со вакви настани ќе се манипулира со сите нас а државата фиктивно ќе се дестабилизира во интерес на поединци и групи.

6. На повеќе балкански медиуми се појавија стории за постоење на келии на меѓународни терористички организации поврзани со Исламска држава. Се вели дека бегалската криза овие организации ја искористиле за да инфилтрираат свои припадници во балканските земји кои се дел од коридорот. Со оглед на тоа што Куманово е една од станиците на тој пат, стравувате ли од терористички напади или сметате дека овие приказни се нечиј смислен план за сеење страв и одвлекување на вниманието од вистинските проблеми?

6. Низ Македонија и регионов гравитираат голем број на луѓе без потврден идентитет во форма на имигранти, сочуствуваме со нив но за жал сме многу сиромашна држава која нема сила конкретно да им помогне. Голема благодарност до волонтерите и организациите кои им укажуваат помош. Секако дека постои можност и дека помеѓу нив има и припадници на милитантни организации. Немора да ги бараме само кај имигрантите, па ние ги имаме во сопствениот двор, голем број на лица државјани од Македонија и регионот веќе ги изгубија своите животи на боиштата на блискиот исток како припадници на радикални групи, некои од нив дури се водеа и на работно место во државните институции а војуваа во Сирија. Опозицијата во конитинуитет нагласува, работата на безбедносните служби е да ги следи ваквите елементи а не политичарите и слободните граѓани. Доколку безбедносните служби беа насочени професионално да делуваат Гошинце и Куманово немаше да ни се случат. СДСМ има за цел да ги исправи овие големи пропусти во функционирање на државниот безбедносен апарат и да го департизира со целосна цивилна контрола над него.

Интервјуто без корекции е преземено од дневниот весник Слободен Печат