МАКСИМ ДИМИТРИЕВСКИ : КУМАНОВО Е ЕВРОПСКИ ГРАД НА СПОРТОТ, ДО КРАЈОТ НА 2021 ГРАДИМЕ УШТЕ 6 СПОРТСКИ ИГРАЛИШТА

0
135

Градоначалникот на Општина Куманово Максим Димитриевски, денеска присуствуваше на одбележувањето на Светскиот ден на физичката активност, 10-ти Мај, во организација на Владата на Република Северна Македонија, Агенција за млади и спорт, Институтот за јавно здравје, Македонски олимписки комитет и Општина Куманово.

Во своето обраќање, градоначалникот Димитриевски потенцираше дека Општина Куманово е носител на највисокото признание во Европа – Европски град на спортот. Тој изјави дека тоа признание не е добиено затоа што се најдобри во сите дисциплини, туку првенствено затоа што Куманово практикува спорт и за мажи и за жени, од 8 до 88 години.

„Општина Куманово, минатата година инвестираше во реконструкција на три спортски објекти – во гимназија, економско училиште и техничко училиште. Оваа година, заедно со Агенцијата за млади и спорт работиме на проектот реконструкција на Соколана, која планираме да ја вратиме во стар лик којшто некогаш бил културниот и спортски центар на градот“, рече Димитриевски.

Димитриевски најави дека до крајот на годината ќе бидат изградени уште минимум 6 спортски игралишта на училишните терени на територија на Куманово и конечно ќе биде завршен и проектот којшто е почнат на локација спомен Костурница каде се градат 3 спортски терени и патеки за пешачење и трчање.

Советничката на претседателот на Владата за спорт Силвија Митевска истакна дека Куманово вложува во превенција и заштита од сите можни болести, го потпомага растот и развојот кај младите, но и ги афирмира сите здравствени бенефити од рекреативноо спортување.

„Голема благодарност од Владата за Општина Куманово, до целиот персонал, но особена благодарност до градоначалникот којшто навистина кога спомнавме колку е важна физичката активност за унапредување на јавното здравје веднаш пристапија кон организација и поддршка на овој светски ден за одбележување на физичка активност за подобро здравје. Ние денеска сме сведоци дека општина Куманово навистина вложува во превенција и заштита од сите можни болести, го потпомага растот и развојот кај младите и ги афирмира сите здравствени бенефити од рекреативното спортување. Физичката активност е важна од најмлада до највозрасна возраст. Ме радува тоа што имаме девојки, жени и девојчиња што спортуваат и ја користам оваа прикика да афирмирам дека еднаквоста и родовата еднаквност во спортот и спортските дисциплини и активности треба да биде еднаква за сите. Верувам дека општина Куманово може да биде и добар пример како треба да се грижиме за нашите граѓани, како треба да вложуваме во спортски терени, затоа што знаеме дека спортот ќе се врати. Спортот значи подобра и поздрава младина и спортот е најдобар амбасадор на нашата општина и држава“, изјави Митевска.

Директорот на Агенција за млади и спорт Наумче Мојсовски изрази чест и задоволство што во последниот месец три пати е во Куманово, каде заедно со градоначалникот Димитриевски и општината ги градат спортските терени.

„Куманово е град на спортот и се надевам дека овој настан ќе стигне до сите градоначалници, да почувствуваат и да видат колку е важен спортот во нашата држава“, рече Мојсовски.

Претставникот на кошаркарската федерација во земјава, кошаркарот Тодор Гечевски на настанот истакна дека му е драго што во Куманово гледа голем број на млади деца што се занимаваат со спорт.

„Спортот ни е иднина за да направиме едно подобро општество. Гледаме тука колку има момчиња и девојчиња, и тоа уште повеќе ме радува дека и двата пола се занимаваат со спорт. Гледаме дека Куманово организира различни спортови. Младите да се занимаваат со спорт затоа што спортот носи здрава младина, а со тоа носи и здрава иднина. Продолжете така, бидете упорни за да направите голем успех во животот“, рече Гечевски.

Директорот на Македонски олимписки комитет Даниел Димевски посочи дека Куманово отсекогаш бил најспортски град во државата.

„Драго ми е што имате фантастичен градоначалник со одличен тим којшто го сака и помага спортот и резултатите ќе си дојдат, тоа е неминовно. Тоа што сакам да порачам е дека треба да спортувате, не затоа што така ви кажувам, туку затоа што тоа е најубава работа што може да ја направите за вас – да бидете здрави, убави, паметни и да бидете добар дел од нашето општество, а впрочем честа што ја имаме со нас да бидат три фантастични легенди – Перо Антиќ, Тодор Гечевски и Наумче Мојсовски говори се“, рече Димевски.