МАКРОН : РЕШЕНИ СМЕ ДА НЕ ДОЗВОЛИМЕ РУСКА ПОБЕДА ВО УКРАИНА

0
218

ЛИДЕРИ на повеќе од 20 европски земји се собраа денеска во Париз на покана на францускиот претседател Емануел Макрон да испратат порака дека се решени да продолжат да ја поддржуваат Украина, две години по почетокот на руската инвазија.

Во својот воведен говор, Макрон рече дека сите собрани споделуваат „непоколеблива определба“ да не и дозволат на Русија да победи во Украина.

Русија е се поагресивна на бојното поле и „подготвува нови напади“, рече Макрон.

Тој и честиташе на Шведска за влезот во НАТО, откако унгарскиот парламент го ратификуваше барањето на Шведска за членство во тој воен сојуз.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски во видео обраќањето на самитот се заблагодари за поддршката и нагласи дека „милиони животи“ биле спасени со соработката на Украина и западните земји.

„Заедно мораме да се погрижиме Путин да не може да ги уништи нашите достигнувања и да ја шири својата агресија во други земји“, рече Зеленски.

На состанокот во Елисејската палата се претставници на 27 земји, меѓу кои германскиот канцелар Олаф Шолц, шпанскиот премиер Педро Санчез, холандскиот премиер Марко Руте и полскиот претседател Анджеј Дуда.

Велика Британија ја претставува министерот за надворешни работи Дејвид Камерон, Канада министерот за одбрана Бил Блер, а САД помошникот државен секретар за Европа Џејмс О’Брајан. Самитот беше најавен како работен состанок за тоа како да се поддржат воените напори на Украина, вклучително и со муниција што ѝ недостига на Украина.

Елисејската палата пред самитот објави дека тоа е можност за сојузниците „да го потврдат своето единство и одлучност да ја одбранат Украина од руската агресија“.