МАКЕДОНЦИТЕ СЕ ДВОКРАТНИ СВЕТСКИ ШАМПИОНИ ВО CS:GO – МЕСФ

0
134

Светското Првенство во Еспорт кое се одржа во Бали, Индонезија забележа огромен успех, поставувајќи нови рекорди по број на држави учеснички, одиграни натпревари и награден фонд од 500.000 американски долари. Далечното патување, топлата клима како и невообичаените услови во кои самото првенство беше одржано, не ги спречи Македонските репрезентативци да ја оправдаат улогата на фаворити. Нашата македонска CS:GO репрезентација стана двократен светски шампион и продолжува да доминира на светската Еспорт сцена.

Радоста, емоциите и воодушевувањето го допреа секој дел од нашата држава, вклучувајќи го и највисокиот државен врв. Во тоа име, претседателот на државата, г-дин Стево Пендаровски одлучи лично да ја пренесе својата честитка и со тоа да го уважи огромниот успех остварен од страна на нашите репрезентативци. Посетата на Претседателот е едно од највисоките признанија за Македонската Еспорт Федерација и доказ дека еспортот се движи во правилна насока. Дополнително, Претседателот лично имаше „дуел“ со Светските шампиони и ги поздрави нивните вештини, со порака за одговорно играње и задолжителна физичка активност.

Македонската Еспорт Федерација продолжува со реализација на поставените цели, односно остварување на врвни резултати на нашите Еспорт репрезентации. Во 2023-та година, МЕСФ ќе се фокусира на задржување на европскиот и светски трон во CS:GO и на унапредување во другите дисциплини. Како една од првите држави во Европа каде Еспортот е признат како полноправен спорт, нашата репрезентација е вистински амбасадор на македонскиот спорт. Македонската Еспорт Федерација е формирана 2009-та година и е членка на Меѓународната Еспорт Федерација и на Европската Еспорт Федерација. Досега наши учесници биле дел од 15 меѓународни првенства, а ова е второто светско првенство на кое освојуваме медал. ГГ!