МАКЕДОНСКИ ЖЕЛЕЗНИЦИ ВРАБОТУВА 30 ЛИЦА НО ДИРЕКТОРОТ ЛОКВЕНЕЦ ТВРДИ ДЕКА ТРЕБААТ СТОТИНА ВРАБОТЕНИ ПОРАДИ ПЕНЗИОНИРАЊЕ

0
558

Јавното претпријатие за железнички транспорт, МЖ Инфраструктура, распиша оглас за 30 нови вработувања.

Јавниот пивик е објавен преку Агенцијата за администрација, а се бараат од главен референт за јавни набавки и продажби, преку помлад референт за јавни набавки, советник за јавни нбавки, соработник и референт за безбедност при работа, потоа главен референт за обуки, помлад соработник за психолошка заштита, референт за персонална евиденција, оператор за плати и надоместоци, главен референт за финансиско работење, помлад референт за финансиски работи, виш соработник за финаниска контрола, помлад соработник за сметководство, неколку сметководители, виш соработник за план и статистика, помлад соработник за правни работи, виш референт за административни работи, виш соработник за издавање на објекти, помлад соработник за правни работи, помлад соработник за недвижности, помлад соработник за маркетинг, архивар, секретарка, како и соработник за систем оператор.

Платите се од 19.000 денари па се до 28.000 денари, но најголем дел од месечните примања за новите вработени ќе изнесуваат на ниво од 24 и пол илјади денари.

Фактор разговараше со директорот на МЖ Инфраструктура, Хари Локвенец, кој на водечката позиција на ова јавно претпријатие беше именуван пред околу осум месеци.

Локвенец вели дека на претпријатието му требаат најмалку 100 нови вработувања, а 30 е најмалата бројка за колку толку да се пополнат испразнетите работни места поради пензионирање.

„Нам не ни требаат само 30, туку во моментов најмалку 100 нови вработувања“, објаснува Локвенец за Фактор.

Во моментов во МЖ инфраструктура работат 900 вработени.

Локвенец објаснува дека според европските стандарди, треба да има по двајца вработени на еден километар железничка пруга. Со оглед што во земјава има за одржување железничка пруга од 700 километри, значи дека на МЖ Инфраструктура им треба многу поголем број на вработени од оние 900 со кои што сега располагаат.

Исто така, во МЖ инфраструктура во моментов е многу висока просечната возраст на вработените. Во моментов во ова препријатие има само 16 инжинери.

„Затоа сега акцентот при вработувањето ќе се стави на инжинерскиот кадар, но и воопшто на стручниот кадар во компанијата, бидејќи се работи за безбедноста на железничкиот сообраќај“, нагласува првиот човек на МЖ Инфраструктура.

За споредба, Македонија пат е задолжена за одржување на патиштата во земјава, а ЈП за државни патишта работи на реализација на нови проекти. Што значи дека две претпријатија се грижат за одржување на патиштата и за реализација на проекти, и тие заедно имаат многу поголем број вработени, наспроти МЖ инфраструктура, која се грижи и за одржување на пругите, но и реализира нови проекти за изградба на пруги, за кои Локвенец вели дека значајно се интензивирани во последниов период.

Во МЖ Инфраструктура, како што објаснува првиот човек нa претпријатието, e висока возрасната граница на вработените, односно е неповолна старосната структура. Всушност, овие 30 нови вработувања за кои се распишани огласи, ќе покријат само дел од вработените кои во изминативе години заминале во пензија.

„Во изминативе неколку години вработените кои заминувале во пензија не биле надополнувани со нови вработувања. Но, не бил правен ниту трансфер на потребните знаења, стручност и искуство кај новите вработени. А токму во ова претпријатие стручноста и знаењето се неопходни, бидејќи преку нив се гарантира безбедноста на железничкиот сообраќај“, објаснува Локвенец за Фактор.

Инаку, објаснува директорот, просечната плата на 900 вработени во МЖ Инфраструктура изнесува 24.000 денари.

Како што е познато, компанијата важи за еден од поголемите државни должници, но како што објаснува директорот на МЖ Инфраструктура, тоа се должи единствено на пресметката на амортизацијата на основните средства, која е голема ставка во ова претпријатие, со оглед токму на значајната големина на основните средства со кои располага МЖ инфраструктура.

„Заради пресметувањето на амортизацијата ние влегуваме во категоријата загубари, што е книговодствено, а таа амортизација ние не сме во можност да ја искалкулираме во тарифата што ја наплаќаме од корисниците на нашите услуги. Во моментов всушнст единствен корисник на нашите услуги е МЖ Транспорт. Тоа е така бидејќи се уште не е либерализиран железничкиот сообраќај“, објаснува Локвенец.

Или зa илустрација, за првиот квартал загубата на МЖ инфрастуктура изнесува 108 милиони денари, додека, пак, пресметката пред амортизација била плус од 12 милиони денари, што значи дека амортизацијата за еден квартал е дури 120 милиони денари.

Извор : Фактор.МК