МАКЕДОНСКАТА АЛПИНИСТКА ОСВОЈУВА АМЕРИКАНСКИ ВРВОВИ : ИЛИНА АРСОВА СЕГА Е ОДВОЕНА ОД ИГОР, НО ГО ОСТВАРУВА НЕЈЗИНИОТ ДОКТОРСКИ СОН

0
295

Македонската најпозната алпинистка Илина Арсова веќе извесно време е во САД на докотрски студии, а во интервју за Женски магазин зборува за предноста на студиите во Тенеси, и за патувањата кои ѝ се приоритет. Нејзиниот сон го остварува без никакви препреки иако живее во мало стодио и има позајмен телефон.Колку време си веќе на Универзитетот во Тенеси? Во која област ќе докторираш, како напредуваат студиите?

Овде сум веќе четири месеци и зависно од моето темпо програмата може да трае три до четири години. Најнапред мислев дека ќе може барем дел од тоа да оди он-лајн и да не морам да бидам физички присутна, но со позицијата како професор со полу работно време, по сè изгледа дека целото време ќе треба да сум овде. Тоа се само неколку позиции на нашиот оддел и Универзитетот навистина многу вложува во нас. Сега сме пред самиот крај на првиот семестар што е добар знак ,бидејќи сите велат дека првиот семестар е најтежок.

Инаку јас сум докторант на одделот за Кинезиологија и Спортски Студии, а ме интересираат родови науки во спортот како и социо – културниот аспек на спортот. Тука некаде успевам да го поврзам спортот со уметноста- моите две досега најмногу изучувани области.

Успеа ли да се спријателиш со колеги, слушнале ли за Македонија и како им ја претставуваш?Убавините на Македонија секојдневно им ги претставувам и на колегите и на студентите. Некои од нив веќе сакаат да дојдат во посета.

Повеќето од нив не беа многу запознаени со Балканот, што воопшто не ме изненади знаејќи дека нивната географија е најмногу фокусирана на САД и Канада, додека пак патувањето надвор не им е јака страна. Имам пријатели со кои се дружам, сепак незаменливи се пријателите од дома, оние со кои си растел и пораснал, пријателите од основно, средно или факултет, од кои многумина се исто така некаде по светот.

Со нив останува виртуелната врска, а во однос на дружбите во живо, навистина ми недостасува социјалниот живот од Македонија. Сепак морам да кажам дека некои пријателства овде нависина ми помогнаа да се прилагодам, и нивната секојдневна грижа ме прави да се чувствувам дека имам закрила и постојана поддршка.

Таква ми е на пример врската со мојата долгогодишна пријателка Нина, од Канзас Сити, која не пропушта ден а да не ме провери како сум, и како се снаоѓам. Пресреќна бев и да запознаам уште неколку Македонки во околината, од кои едната, Александра е на истиот Универзитет во понапредна фаза од нејзините докторски студии. Тоа навистина многу значи, ако ништо друго барем од време на време да си направиш муабет на мајчин јазик.

Како ти изгледа еден обичен ден, што ти го исполнува времето кога не си на Универзитетот?- Се обидувам да ги запазам истите практики како и во Македонија. Така што кога не сум на факултет одам да качувам карпи, пливам, пешачам, посетувам изложби и музеи или излегувам со пријатели.

Но, имам и доста работа за факултет. Обемни домашни задачи како и оценување и организирање на часовите што ги предавам. Сепак, мојот номадски живот кој досега не се променил, веројатно нема ни сега.

Така што патувањата ми се сèуште приоритет. На пример, сèуште немам автомобил, користам позајмен телефон, живеам во навистина мало студио, сепак секое слободно време и заштеда ја користам за патување на место каде што не сум била. Така во овие четири месеци веќе имам посетено 3-4 природни и национални паркови, и барем 4 нови држави во САД. (Кентаки, Вирџинија, Невада, Каролина, Тенеси).

Кога ја доби веста дека има шанси да заминеш, како реагираа Игор, и твоите блиски?- Моите блиски мислам дека можеби и го очекуваа ова бидејќи докторските студии подолго време ми беа во план, но никако да стигнат до приоритетната позиција која секогаш беше резервирана за планински експедиции. Тие самите понекогаш ќе ме потпрашаа, до каде е мојата идеја за докторски, и самите паметат дека последно бев во преговори со Универзитетот во Тарагона некаде во 2017 година, кога повторно други работи добија приоритет, па некако таа идеја привремено избледе.

За Игор можеби ова беше шок, иако тој тоа вешто го крие и секогаш ми дава неизмерна поддршка во моите одлуки. Дури и за карпите кои верувам не се негови омилени, ќе ми рече: “Те поддржувам, иако никогаш нема да можам сосема да те разберам“.