МАКЕДОНИЈА ЌЕ ДОБИЕ КОВИД ВАКЦИНИ И ОД АВСТРИЈА, КОЈА ЌЕ ДАДЕ 5% ОД СВОИТЕ ЗА ЗАПАДЕН БАЛКАН, ВЕЛИ АМБАСАДОРОТ ВУЦАС

0
439

Австрискиот амбасадор во Македонија Георг Вуцас. (Фото Фејсбук)

Македонија ќе добие вакцини против ковид-19 и од Австрија, која ќе даде 5 отсто од своите и за земјите од Западен Балкан, соопшти амбасадорот во земјава Георг Вуцас во новогодишната честитка.

„На новата 2021 година гледаме оптимистички. Австрија не само што ја поддржува Северна Македонија со итно потребните медицински средства. Австрија исто така ќе даде на располагање 5% од сопствените дози на вакцини против ковид-19 за Западен Балкан. Европската унија не би била комплетна без интеграцијата на Западен Балкан. Токму затоа Австрија, во рамки на процесот на интеграција, максимално се залага за што е можно поскоро одржување на првата меѓувладина конференција во 2021 година“, вели Вуцас, чија земја ја поддржа преговарачката рамка за пристапните преговори на Македонија со ЕУ.

На 22 декември, министерот за здравство Венко Филипче во Софија со бугарскиот министер за здравство Костадин Ангелов потпиша писмо за намери, откако Владата на Бугарија донесе одлука од секоја количина вакцини против ковид-19 која стигнува во Бугарија, една одредена количина да биде наменета за македонските граѓани и тоа да биде во форма на донација.

Филипче претходно кажа дека владата обезбеди 833 илјади вакцини за 400 илјади граѓани, преку Ковакс-механизмот на СЗО и на Глобалната алијанса за имунизација, а во кои учествуваат сите соседни земји, освен земјите членки на ЕУ кои имаат можност за директен договор со компаниите кои произведуваат и дистрибуираат вакцини. Дополнителна количина земјава ќе може директно да набави од „Астра Зенека“ и од „Фајзер“, а има понуда и од Полска и од Грција да се откупат дел од нивните вакцини.