МАКЕДОНИЈА СО ТИМСКА ИГРА И ГОЛЕМ ОПТИМИСТИЧКИ ДУХ ЈА ПОРАЗИ ГЕРМАНИЈА СКРОМНО НО СО ГОЛЕМА ПОБЕДА СО 1-2 СРЕДЕ ДУИЗБУРГ

0
140

Шок во Дујсбург! Најголемото изненадување во мундијалските квалификации во овие први три кола дефинитивно го приреди фудбалската репрезентација на Македонија откако вечера со 2:1 ја совлада големата Германија.

Нашиот Игор Ангеловски почна стандардно со Столе Димитриевски помеѓу стативите, во одбраната триото Висар Муслиу, Дaрко Велковски и Стефан Ристовски, на латералните позиции лево Езџан Алиоски и десно, изненадувачки, Бобан Николов, во средниот ред триото Елиф Елмас, Аријан Адеми и Енис Барди, а во нападот капитенот Горан Пандев и Александар Трајковски.

Натпреварот почна со очекувана иницијатива на Германците. Уште во 5. минута се закани Серж Њабри, но шутна над голот. Само четири минути подоцна и најдобра шанса за домашните кога Леон Горецка биеше силно, но само во пречката од македонскиот гол.

Првата шанса за Македонија дојде дури во 40. минута кога Алиоски нафрли од слободен удар, а Адеми со глава се обиде, за малку ја промаши топката која сепак одепе в гол и за малку не го изненади Тер-Штеген.

И потоа шок за домашните. Се играше судиското надополнување кога по една контра Енис Барди одлично го пронајде капитенот Пандев кој ја искористи лошо поставената офсајд стапица и лесно ја внесе топката во мрежата на Марк-Андре тер Штеген.

Во вториот беше истата игра. Внимателно поставената тактика на Ангеловски ѝ го оставаше поседот на Германија, но без да дозволи некоја крајно сериозна шанса.

Во 62. минута сепак мало невнимание. Алиоски при еден лизгачки старт го закачи Сане, а тој искусно падна терајќи го рускиот судија сепак оправдано да покаже на белата точка. Ѓундоан ја презеде одговорноста, Димитриевски отиде десно, а турскиот Германец биеше по средината израмнувајќи го резултатот.

Во тој момент веројатно сите помислија дека е готово, дека Германија тргна по пресвртот. Така за малку и ќе беше кога нововлезениот Тим Вернер не промаши нешто кое не смее да му се случи на играч од негов калибар. Ѓундоан буквално на тацна му сервираше гол, но Вернер се сплетка шутирајќи и топката наместо зад грбот на Димитриевски, ја испрати во гол-аут.

Пет минути до крајот покажуваше часовникот кога Адеми одлично го пронајде Елмас во домашниот казнен простор, а македонскиот бисер не ја пропушти можноста да постигне гол за ново водство и ново изненадување во Дујсбург.

Германците до крајот не успеаја да израмнат и Македонија извојува голема победа. Да, не е грешка: Германија 1, Македонија 2!

Извор : Кајгана