Македонија не добила рок за вакцините од Европската Комисија

0
904

Вицепремиерот Никола Димитров и министерот за надворешни работи, Бујар Османи, во Брисел денеска се сретнаа со еврокомесарот за управување со кризи, Јанез Ленарчич, но не добиле конкретен рок кога Северна Македонија може да очекува вакцини од ЕУ, јавува дописничката на МИА од Брисел.Изворите на МИА во Европската Комисија (ЕК) порачуваат дека институцијата не е во можност во овој момент да даде рок и ветување за достава на вакцини поради тоа што и самите земји членки на ЕУ се соочуваат со недостаток на дози за своето население.

Од ЕК го отфрлаат обвинувањата дека земји членки на ЕУ располагаат со повеќе дози отколку што им е потребно и тврдат дека нивните служби ги проверуваат овие наводи и тие “не се точни“.

-Очигледно е дека главниот проблем се наоѓа кај фармацевтските компании, или премногу ветија, или има некаков друг проблем, но работиме на тоа да откриеме што се случува, велат од Европската Комисија за МИА.

Еврокомесарката за здравство, Стела Кириакидес, попладнево соопшти дека испратила писмо до фармацевтската компанија АстраЗенека која најави дека ветените дози ќе доцнат и побарала конкретни одговори за тоа зошто се одлагаат ветените вакцини, ко-финансирани од ЕУ.

-Во иднина сакаме целосна транспарентност од компаниите кои произведуваат вакцини, рече комесарката, додавајќи дека од нив ќе се бара од сега точно да кажат на кои трети земји и колку дози се доставени, а ќе бидат преземени “потребни чекори“ од страна на ЕУ.

За Северна Македонија и за регионот ова значи дека “во наредните недели“ нема да добие вакцини ниту од Ковакс, ниту од новиот “Механизам за споделување“ на ЕУ, најавен минатата недела.

Доколку Скопје сака да добие вакцини пред тие да бидат достапни преку хуманитарни механизми, има неколку опции: едната е директно да ги нарача од производителите, да ги откупи од други земји кои имаат вакцини, да чека донации, или да ги набави вакцините од Русија или Кина.