Денеска во првото коло од групата Д во прелиминарната фаза на Светското првенство македонската машка ракометна сениорска репрезентација во Вараждин одигра реми 27:27 против Унгарија.
Избраниците на селекторот Кирил Лазаров имаа голема поддршка од навивачите на трибините. Пред стартот на мечот нашите најдобри ракометари беа свесни дека пред себе имаат противник кој е фаворит во групата и еден од кандидатите за медал на ова СП.

Но, македонската селекција одигра одлично и борбено и во ниту еден момент од натпреварот не покажа бело знаме. Во текот на првото полувреме Унгарците на стартот обезбедија предност од 5:2, а потоа Македонија возврати со серија од 5:0 за 8:6 на семафорот.
Одржувавме и позитива на „плус три“ најмногу благодарение на одбраните на Митревски и головите на Кузмановски. Имавме 13:10, па 14:11, но Унгарците не попуштија во ритамот, па на паузата успеаја да дојдат до егал и нерешени 14:14.
Се играше гол за гол од почетокот на вториот дел, двете репрезентации наизменично се менуваа во водство не поголемо од еден гол разлика. Имавме 16:15, па се враќаа унгарските играчи за 17:16 и 18:17. Потоа, водевме со 20:19, па ривалот дојде до позитива од 21:20.

Се влезе во неизвесна завршница, запишавме погодок за 25:24, па израмнија Унгарицте на четири минути до крајот на средбата. Останаа уште три минути, Јагуриновски како крило реализираше за 26:25, но веднаш Бодо се погрижи за нов нерешен резултат на семафорот.
Одговорноста повторно ја презеде Кузмановски од девет метри за 27:26 на нешто повеќе од една и пол минута до крајот. Митревски повторно блескаше на голот, го одбрани ударот на Бодо за голема радост кај играчите и навивачите.
Пред нашиот следен напад Лазаров побара тајмаут на 36 секунди до крајот на мечот. Не успеавме во нашата акција, Унгарија во контра успеа да израмни и да дојде до бод. Најефикасен во нашата селекција беше Кузмановски со 10 голови, а голманот Митревски имаше 14 одбрани.
Извор : Слободен Печат