Македонија го повикува Иванов да се разбуди

0
584

Што уште треба да се случи, за да види од Водно дека ниту се случи национално помирување, ниту престана „Македонецот да оди против Македонецот“, како што беседеше Иванов. Благодарение на неговата партиска база, тој раздор стана максимално потенциран со контрапротестите. Учесници во нив станаа илјадници партиски капарисани Македончиња, мобилизирани преку смс-порачиња, заведени во списочиња, нахранети со сендвичиња, сместени во автобусчиња и ставени во партиски погончиња.

Од сите тие партиски покорени Македончиња, со наведнати главчиња, се очекуваше да го сторат невозможното: да ја разбијат комплексноста на сите овие деминутивчиња, и да создадат привид дека се рефлексија на неговиот антипод – на аугментативот.

Дека се Македончишта, храбри борчишта, непоколебливи мажишта и други партиско-мачоистички етикетишта, во одбрана на неодбранливото.

Таа тажна и поразителна слика на колонизирање на интегритетот на граѓаните, Иванов не ја запре, туку ја поттикна. Прво, преку тв-интервју на 14.04., потоа на 15.04 преку јавно обраќање во кое објасни дека останува на истата одлука, и конечно на 21.04. кога соопшти дека се консултира со правни експерти, но дека не и изнајден правен основ за повлекување на одлуката.

Не е јасно дали Иванов бесполезно врти нови кругови, за да се покаже дека не „паднал“ веднаш, туку по долга витешка битка, или тоа е само оправдување за да не го стори она што демократската јавност го очекува од него. Со ваквите одлагања, претседателот исцртува многу опасна тракторија за Македонија. Лично тој, уште на 15.04. изјави дека „безбедносните институции се парализирани со нарушен систем на команда и висок е ризикот да не можат да одговорат на заканите со кои се соочуваме“ и дека „Специјалното обвинителство има потреба од време за квалитетно вршење на истраги“.

Седум дена подоцна во МВР е извршен пуч. Директори и началници на клучни организациски единици му откажаа послушност на министерот, а вчера ДПМНЕ по којзнае кој пат се обиде да го убие СЈО, од позиција на прек партиски суд, типичен за некои минати времиња. Нормално ли е во ваква ситуација, Иванов да се шета низ резиденцијата во пењоар и влечки, и да не чувства ни трошка грижа за состојбата во која ја вовлече државата, со оглед дека досега не презеде ништо во насока за елиминирање на причините што ги зовреа тензиите? „Свесен сум за одговорноста која ја презедов“, рече Иванов пред 12 дена. Досега не не‘ увери дека таа свест ја имал, ниту дека во меѓувреме барем малку се разбудила.

Анализата на Катерина Блажевска во целост прочитајте ја ОВДЕ