Monday, December 2, 2024
5.8 C
Skopje

ЛУЃЕТО КОИ ТРЕБА ДА ЈА РЕИНКАРНИРААТ СДСМ И ДА СЕ СВРТАТ КОН ЧЛЕНСТВОТО НЕМААТ ПОИМ КАДЕ СЕ НАОЃААТ!

Двајцата први луѓе на СДСМ, Филипче и Каранфилова-Пановска, имаат помал партиски стаж од нивниот генерален секретар, кој сепак не е дораснат за позицијата. Го разбирате ли овој апсурд? Луѓето, челниците кои сериозно треба да ја реинкарнираат партијата и да се свртат прво кон членството – немаат поим каде се наоѓаат.

Според конституционалистите, политиколозите и компаративистите, клучен елемент за едно уредување да се дефинира како либерално или не, е улогата на опозицијата и нејзиниот степен на здравост во рамки на политичкиот систем. Уредувањата каде опозицијата нема права или конкретни гаранции можеме да ги сместиме во категоријата на „фасадни“ демократски системи. Но, во која категорија треба да ги сместиме политичките системи каде опозицијата, сѐ уште парламентарна, е киднапирана од еден поранешен политички чинител и се претвора во затворен клуб на корисни поединци, а не во реален контролор и контратежа на владејачкото мнозинство? Ќе ми простите на тавтологијата, но тоа е фасада на фасадата, пишува Ивор Мицковски во колумна за Дојче веле.

30-иот Конгрес на СДСМ беше најавен како пресвртница во делувањето на партијата, а за изборниот пораз Венко Филипче рече дека „тој пораз не е крај, туку шанса за нов почеток“. Вината за поразот ја лоцираше кај сите. Најавувајќи нов почеток, нова борба и нова надеж, Филипче ќе додаде дека партија не е ничија лична сопственост. „Ниту на Бранко, ниту Заев, ниту на Владо, Радмила, Димитар, а најмалку моја! Секој од нив низ годините ја носеше тежината на времето и одлуките, но и гордоста на партијата“.

Но, проблемот е што и малите деца знаат дека реалноста не е таква, туку многу поразлична, нешто што се потврдува и од новите лица избрани на раководните позиции. Останува првичната фалинка или изворниот проблем, а тоа не е што СДСМ на Заев и Филипче успеал да собере, туку кого не успеал.

Продолжение на мачењето

Наспроти тоа, страшно е да се замисли дека некој застанува зад политичкиот проект на дубиозен екс-министер кој не презеде одговорност (освен фасадно) за изгорените пациенти во Тетово и зад криминоген екс-премиер кој е политички мртовец и никогаш повеќе не може да се врати на сцената. Има нешто многу погрешно во идејата дека со овие луѓе ќе се изигрува левичарска, проевропска и прогресивна опција, а камоли дека воопшто некогаш ќе се дојде до власт. Таквата одлука отвора морални дилеми и околу луѓето од новото раководство кои во јавноста уживаат мислење дека се чесни и доблесни. А да биде јасно, такви луѓе има и меѓу избраните во новото раководство, но тоа што е нејасно, е како прифатиле да се нафатат и да учествуваат во една ваква игранка.

Можеби полошо од пренагласената или задоцнетата критика (ала Шилегов), веројатно најстрашното за едно ново политичко раководство е кога никој ништо не зборува, ништо не кажува, никој не се занимава со прашањето. Едноставно, ни јавноста, ни никој, не „трзаат“ на темата. Тоа само по себе е вредно за коментар. Затоа што ако ова е нашата прва (ќе видиме дали и до кога) опозициска партија, тогаш власта има многу за што да се радува, а општеството да стравува.

Друг голем проблем и покрај „новите“ лица и најголем дел непознати, е што во ова СДСМ нема ништо ново, туку продолжение на едно мачење, кое на изборите беше отфрлено од гласачите. Едноставно, партијата не може да излезе од идентификацијата со минатото, ужасното владеење и бескрајно разочараните ветувања и очекувања. Ваквиот избор на СДСМ наликува на донација крв за ВМРО.

Паричка за поткусурување

Оттука, што да се каже за „новото“ СДСМ? Сега се наоѓаат во најлошата фаза, кога веќе никој не ги резонира и коментира. Сега се оставени на некој непознат ешалон од кадри, кој треба само да симулира опозиција и партија.

Двајцата први луѓе на СДСМ, Филипче и Каранфилова-Пановска, имаат помал партиски стаж од нивниот генерален секретар, кој сепак не е дораснат за позицијата. Го разбирате ли овој апсурд?

Луѓето, челниците кои сериозно треба да ја реинкарнираат партијата и да се свртат прво кон членството – немаат поим каде се наоѓаат. СДСМ денес не треба да се обраќа кон неопределените и широкото граѓанство, туку да ја врати својата основа, партискиот идентитет и базата на членови, оние кои секогаш биле покритични и понезависни од членството на ДПМНЕ.

Со овие кадровски „промени“, СДСМ само се забетонира како приврзок на Заев. Ова не е раководство и извршен одбор на партија, туку паричка за поткусурување на Фондацијата.

Пишува : Ивор Мицкоски

ОВАА НЕДЕЛА

Најчитани

ПОПУЛАРНИ КАТЕГОРИИ