Лош ви е СОС-от, ќе ви се распадне мумијата

0
783

Палубата на македонскиот „Титаник“ е полна со луѓе подготвени да потонат заедно со својот пастир. Некои за тоа зеле пари, некои му станале клиенти за поситни или покрупни бенефиции, а има и такви кои доброволно ја поминале првата фаза од мумификацијата убедени во вечниот живот на режимот. Сеедно. Кога патувате со брод, најевтината опција ви е да земете столче на палубата.

Ова седиште се нарекува полтрона. Слично се нарекуваат и луѓето што ги исполнија седиштата на македонскиот „Титаник“ – полтрони. И сега во името на пастирот ни испраќаат некакви СОС сигнали. Иако нивната Морзеова азбука добро ја научивме изминативе десет години, полтроните од „Титаник“ повторно нѐ убедуваат дека не го спасуваат пастирот, ами ја спасувале Македонија. Од кого? Од Сорос!

Се разбира дека од јавноста се очекува да се откаже од својот мозок и да поверува оти Сорос е виновен за сѐ во Македонија. Сорос украде пет милијарди долари од граѓаните, Сорос земаше провизии од секоја зделка, Сорос отвораше оф-шор фирми во Белизе и на други рајски острови, Сорос нѐ направи рекордери по смртност на новороденчиња, Сорос отсели четвртина држава, Сорос затвораше новинари и медиуми, Сорос создаде 500.000 сиромашни, Сорос го смисли „Скопје 2014“ сосе галиите и Панорамското тркало од 20 милиони евра, Сорос криеше убиства, на Сорос му загинаа десетици граѓани од три часа пороен дожд…

И конечно, Сорос ни ги нервира новинарските полтрони на режимот и не им дава спокојно да ги живеат субвенциите и да ја чекаат втората фаза од мумификацијата. Најголем процент од луѓето СОС ги асоцира на изразите „Save Our Ship“ (Спасете ни го бродот) или Save Our Souls (Спасете ни ги душите). Во нашиов случај, искрено се надевам дека бродот нема да биде спасен и дека за некое време ќе биде „олупина“ на дното на историјата. Што се однесува до душите, тие секако не можат да ви бидат спасени. Некои од тие полтрони во момент на искреност ќе ви признаат дека не ја спасуваат Македонија туку некој свој ситен личен бенефит. Но, тоа ќе го обвиткаат како египетска мумија со завојот на нивната егзистенцијална судбина. Па ќе го чуете и глаголот „морам“.

Колумната на Сашо Кокаланов во целост прочитајте ја ОВДЕ