Косовскиот премиер Албин Курти рече дека инцидентот со претседателката Вјоса Османи на аеродромот во Скопје е многу лошо искуство, особено, како што рече, таа била заедно и со нејзините две ќерки. Тој рече дека очекува наскоро да го добие извештајот од македонските институции, а дека за овој настан добил жалење од властите во земјава.
„Властите на Република Северна Македонија и државниот врв изразија жалење а ќе има официјален извештај кој ќе го расветли ова прашање детално и во целост, за да дознаеме што точно се случило но и за да не ни се случат никогаш повеќе вакви ситуации“, рече Курти.
Премиерот Христијан Мицкоски истакна дека овој случај не може да придонесе за влошување на односите меѓу двете земји, а за да не се повторат тој дури и самиот се понуди на следното доаѓа на Османи во земјава, тој самиот да ја придружува на аеродромот.
„Тоа за нас предизвика едно чувство со кое што жалиме и не сакаме тоа да се повтори. Јас лично истакнав дека претседателката на Косово е добредојдена како и сите граѓани од Косово и лично, следниот пат доколку ја добијам навремено информацијата ќе ми биде задоволство да ја пречекам како домаќин на аеродромот и заедно со мене додека не отпатува од Скопје да ја придружувам во времето кое што таа ќе го помине на скопскиот аеродром.“, изјави Мицкоски.
За ставот кој претседателството на Косово преку соопштение го изнесе дека случувањето на аеродромот со претседателката Османи го гледаат како директна провокација, Курти рече дека Косово немало таков став.
„Не знам дека сме имале таков став како државни институции, може да е од некој од граѓаните, но не и од институциите на Републиката, МНР и дијаспора, даде своја изјава што всушност претставува став на Република Косово, исто така го видовме и ставот, со јавна официјална изјава на МНР овде во Северна Македонија“, изјави Курти.
Запрашан околу тоа дали ќе се бара одговорност за испраќањето на обезбедувањето на претседателот на Собранието Африм Гаши, премиерот Мицкоски рече дека надлежните институции работат на расветлување на случајот и доколку има пречекорување на надлежностите ќе биде поведена постапка против него.