Адвокатот Жарко Стеваноски од Прилеп, до Основното јавно обвинителство Прилеп, поднесе кривична пријава против овластени службени лица вработени во Општина Прилеп и др.
Адвокатот Стеваноски во изјава за Народен Глас вели дека постојат основи за сомневање дека одговорни лица во Општина Прилеп извршиле неколку кривични преку злоупотреба и ги исполниле законските битија на кривичните дела “Бесправно градење„ , “Оштетување или уништување на добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости„ и кривично дело Спречување, ограничување или нарушување на конкуренцијата„ како и др.кривични дела по изнаоѓање на Јавниот обвинител.
Заради постоење на основано сомневање дека пријавените како службени лица вработени во ЕЛС Општина Прилеп во периодот 2008/2009 година со искористување на својата службена положба и овластување, со пречекорување на границите на своето службено овластување и со неизвршување на својата службена должност спротивно на Законот за јавните набавки, Законот за заштита на културното наследство, спротивно Законот за градење и Законот за просторно и урбанистичко планирање , реализирале проект за изградба на Споменик и плоштад на „Итар Пејо“ во срцето на старата чаршија каде како инвеститор се јавува Општина Прилеп со вредност на проектот од 2.100.000,00 денари, и на таков начин предизвикале штета од големи размери по Буџетот на РМ и културно-историското наследство на Македонија, вели Стеваноски. Имено, старата Прилепска чаршија е прогласена за културно наследство на Македонија и се наоѓа во списокот на објекти-недвижно културно наследство на Македонија за Општина Прилеп заведено под Бр.186 во Управата за заштита на културното наследство на Македонија и како таква заради вршење на било какви реконструкции и градежни зафати претходно е потребно да постои одобрение од Управата за заштита на културното наследство на Македонија. Првично ЕЛС Општина Прилеп врз основа на поднесено барање за слободен пристап до информации од јавен карактер одговори дека за списите околу реализација на овој проект чекале одговор од Државниот архив на РМ, со образложение дека предметот бил многу стар.
Државниот архив на РМ-Одделение Прилеп писмено одговори дека по однос на бараните податоци има заштитено архивски материјал од Општина Прилеп само за периодот од 1991 год.до 2005 година и дека не е пронајдена документација предмет на барањето.
Државниот завод за ревизија во периодот од 25.06.2008 год.до 21.07.2008 година има извршено ревизија на финансиските извештаи на Општина Прилеп за 2007 година, во кој во точката 11.6-Неправилна примена на Законот за јавните набавки, поддточка 11.6.1 б) спротивно на чл.19 и чл.72 од ЗЈН е постапувано кај набавките од мала вредност: Кај постапката од мала вредност за Идејно решение на споменик на Итар Пејо понудите вклучувајќи го и избраниот понудувач се без потпис, архивски број и дата.
Понудите биле изразени во евра иако како понудувач не се јавувало странско правно или физичко лице. Што значи дека средствата во постапката од мала вредност за Идејно решение на споменик на Итар Пејо наведена во точката 11.6 се незаконски потрошени, спротивно на ЗЈН. Културното наследство на РМ е непроценливо добро за РМ а со дејствијата превземени од страна на службените лица во централното градско подрачје заради реализација на овој проект со кој беше отстранета фонтана и дел од стариот плочник кои претставуваа заштитено културно наследство на Македонија, предизвикана е штета од големи размери, видоизменет е културно-историскиот изглед на дел од старото централното градско јадро, и загубена е автентичноста на овој дел од старата Прилепска чаршија.