Кој ги излажа Груевски и Амети?

0
836

СДСМ треба да ги остави Груевски и Ахмети да го одиграат нивниот последен танц на апсурдот и нека ја преземат одговорноста за оддалечувањето од ЕУ и од НАТО и за натамошното уривање на угледот на Македонија

Еврокомесарот Јоханес Јан уште пред првото одложување на изборите, за бугарскиот весник „Капитал“ имаше изјавено дека „не мора сите партии да учествуваат на нив“. Со таа изјава, за која подоцна изјавуваше дека му била извадена од контекст, човекот, кој од првиот момент беше задолжен за „виткање на раката на СДСМ“ создаде силен отпор кај Груевски и Ахмети за промена на датумот на изборите и доведе до тоа дури во минути пред полноќ, парламентарното мнозинство одново да си изгласа без учество на опозицијата нов датум за избори без преземањето обврска да се почитува и имплементира договорот од Пржино.

Откако тоа се случи, Груевски, без последици, јавно соопшти дека нема намера да учествува на натамошни средби со посредникот во разговорите Ванхауте, и дека тој може во Македонија да остане само како турист. Тој објави дека нема намера да спроведува реформи во медиумите, судството конечно ја демонстрираше сета своја подготвеност да и’ удоволи на групата на власт, а Уставниот суд дури го укина Законот за помилување со кој на Иванов му се вратени овластувањата да ги аболицира обвинетите за направените изборни измами.

Груевски продолжи со говорот на омраза кон опозицијата и со натамошното користење на сите институции на државата за партиски цели, во функција на повторното освојување на власта. Посебно беа засилени опструкциите кон Специјалното јавно обвинителство, кое не само што е прогласено за политички проект на опозицијата, туку е изложено и на најгнасна медиумска кампања од страна на провладините медиуми.

Ноќта пред одлуката за распуштање на Собранието, се чини дека Груевски и Ахмети разговарале по телефон со еврокомесарот Хан, кој не даде јавна изјава, но од она што претходно го кажа, може да се претпостави дека ги охрабрил во намерата да ги распишат изборите за 5 јуни, со ветување дека СДСМ ќе биде „убеден“ да учествува на тие избори, без оглед на сите околности во земјата.

Имам чувство дека само со такво ветување и уверување тие се одлучија на овој чекор, кој веднаш го прославија еуфорично како голема победа во битката за опстојување на диктатурата.

Но, Груевски и Ахмети, независно од тоа што изјавуваат, се веројатно свесни дека без учество на опозицијата на избори, таквите избори никој не може да ги прогласи за фер и демократски, ниту пак кој било резултат на нив ќе води кон разрешување на кризата. Без фер избори ЕУ нема да има можност да ја обнови препораката за започнување на разговорите за членство во ЕУ, а без елементарна политичка стабилизација нема ниту покана за членство во НАТО. Такви избори во Македонија може да доведат не само да натамошно заострување на конфликтот меѓу власта и опозицијата, туку заради поништување на политичката волја на Албанците за членство во ЕУ и во НАТО може да доведе и до меѓуетнички конфликти.

Да сметаше Груевски дека може да организира избори и без учество на опозицијата во Македонија, тој тоа можеше да го направи веќе во неколку наврати до сега. Тој се закануваше со тоа кога пратениците поднесоа оставки. Но, не им ги усвојуваше со надеж дека ќе се вратат во Собранието. Можеше тоа да го направи кога почна објавувањето на „бомбите“, но не го направи. И не го направи по првично утврдениот датум за избори на 24 април, иако и тогаш се закануваше.

Сега Груевски и Ахмети се убедени дека некој на СДСМ и на опозицијата во Македонија нема да им дозволи да ги бојкотираат изборите. Груевски го повикува Заев добро да размислел дали ќе ги бојкотира изборите, затоа што тие биле „битка за Македонија“, а неучеството на СДСМ на нив (иако не пречело) само ќе оставело „дамка“ и ништо повеќе. Али Ахмети и натаму верува дека СДСМ ќе учествува на изборите, бидејќи само тоа ќе значело дека СДСМ го почитува Договорот од Пржино, а истовремено му дава беса на Груевски дека и ако опозицијата ги бојкотира изборите, па дури и албанската (која му диши во вратот) тој ќе му остане верен на Груевски во реализирањето на сите негови политички ујдурми.

Пропагандистите на Груевски, исто така, во оваа фаза се убедени дека „чадорот“, односно „странските служби кои го направиле фактор Заев во земјата“ сега ќе го принудат да оди на избори и по големата победа на ДПМНЕ се’ ќе се стабилизира во Македонија, како и во времето пред почнувањето на кризата. Всушност, Груевски во своето директно обраќање преку сите телевизии веќе изјави дека и немало криза во Македонија, дека немало корупција, ниту недостигале слобода и демократија во земјава, туку се’ што до сега се случувало било само обид за насилна промена на власта од страна на опозицијата. Според него, единствениот проблем што ја мачел Македонија бил тоа што опозицијата, за разлика од Владата која упорно се борела само да го подобри животот на граѓаните, се занимавала само со шпионажа, уцени и деструкција и нему му биле потребни изборите сето тоа да запре и „на клоци да ја истера опозицијата“ ако може и надвор од земјата.

Но, Груевски и Ахмети во моментов, изгледа, не сфаќаат дека Македонија не е ниту Белорусија во која Лукашенко може да ја гази опозицијата без проблем, ниту е Казахстан, ниту Азејберџан, па ниту Турција во која Ердоган може да прави што сака. Овде опозицијата не е маргинална политичка сила која може така лесно да ја игнорираат. Груевски може да се лаже дека предноста на неговата партија е два спрема еден во однос на СДСМ, но факт е дека и при таквите и уште полоши прогнози, и во најлошите услови за избори, таа освојува 300 до 400 илјади гласови. Уште во 2011 години бројот на гласовите дадени за смена на Груевски беа побројни од оние за негово останување на власт, но тогаш тој ја сфати моќта на медиумите и воспостави цврст монопол врз нив од кој не само што не сака да се откаже туку и дополнително го зацврсти пред овие избори и по потпишувањето на договорот од Пржино, со воведувањето на нова провладина телевизија и ставањето во служба на неговата пропаганда на единствениот таблоид во земјата.

По објавувањето на прислушуваните разговори за тоа како Груевски победувал на избори во Македонија, како земал коруптивна провизија, како се заканувал и уништувал животи, како манипулирал и го контролирал судството, па и како ја уништувал опремата за прислушување, Македонија не е истата земја. Точно е дека има повеќе гнев и фрустрираност кај опозицијата, па ако сакате и чувство на немоќ да се променат состојбите, во услови кога судството го штити само Груевски и членовите на неговата фамилија на власт, кога медиумите дневно со часови ја оцрнуваат опозицијата и кога разни негови поданици и клиенти на сите нивоа и во сите делови во земјата му се ставаат на располагање да продолжи со тој метод на владеење и уништување на слободната мисла и слободната избирачка волја. Но точно е и тоа дека СДСМ и целокупната опозиција, па и граѓанскиот сектор, немаат веќе друг избор освен јавно одбивање да учествуваат на однапред режирани избори. СДСМ и целокупната опозиција имаа обврска ова однесување на Груевски и на Ахмети и однесувањето на нивните поддржувачи од земјата и странство да го доведат до апсурд и со бојкотот да ги принудат да си го покажат вистинското лице и засега маскираната диктатура нека прерасне во отворена и брутална.

До тогаш, нека му верува Груевски на својот нов пајташ Стевчо Јакимовски дека сега во СДСМ по најавениот бојкот ќе се јавеле многу нови „стевчовци“. Нека му веруваат на Стевчо дека Црвенковски сега ќе му го врател ударот на Заев од времето кога тој беше за бојкот, а Заев не го прифаќаше. И нека ја убедат меѓународната заедница дека Стевчо, Бранко Јаневски со неговите изборни измами и партијата на Лазе Еленовски, кој отиде за амбасадор како кадар на ДУИ, ќе бидат претставени како вистинска и конструктивна опозиција.

Можеби навистина треба да стане многу полошо пред да стане подобро. СДСМ треба да ги остави Груевски и Ахмети да го одиграат нивниот последен танц на апсурдот и нека ја преземат одговорноста за оддалечувањето од ЕУ и од НАТО, за зацврстувањето на нивната диктатура во земјата и за натамошното уривање на угледот на Македонија.

Диктатурите како оваа на Груевски и на Ахмети не се уриваат лесно. Тие не оставаат многу простор за легално дејствување на опозицијата. Но процесот на нивното уривање е и процес на учење на демократијата. Тоа е борба низ која се созрева низ која слободата не се добива како подарок, туку се освојува. И во таа борба може да се учествува на разни начини. Секој со своето знаење и со својата совест.

Останува да се надеваме дека ако некој ги охрабрил Груевски и Ахмети да одат на избори без опозиција или ако им ветил дека ќе ја убедат опозицијата таа да учествува на изборите на 5 јуни, тој ќе ја сфати својата грешка. Малку е веројатно дека тој ќе има сила сета вина за неуспехот да ја фрли врз опозицијата и, како што очекува можеби Груевски, таквите избори да ги прогласи за исполнет услов за добивање на препораката за почнување разговори за членство во ЕУ.

Груевски и Ахмети со нивното инсистирање да се оди на избори на 5 јуни по секоја цена прават нешто што може да биде корисно за опозицијата. Таа, конечно, ќе сфати дека има заеднички политички непријател. Или како што велеше на времето еден сатиричар: „Беше потребен еден окупатор за да се обединиме“. Обединети во целта, секако, ќе најдеме излез и покрај различните идеи за тоа како може тоа да се постигне.

Пишува : проф.Ѓорѓи Спасов, универзитетски професор

Колумната е објавена на Утрински