Европската унија очекува Северна Македонија да го исполни договореното за да ги започне преговорите за членство во ЕУ, порача претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта во Скопје. По состанокот со премиерот Христијан Мицкоски двете страни останаа на своите претходно познати позиции: Брисел дека нема да дава гаранции дека нема да има нови билатерални барања од Бугарија кон Северна Македонија; а официјално Скопје дека нема намера да го прифати вметнувањето на Бугарите во Уставот.
„Ја посетив Бугарија пред две недели од таа причина, и ако ме прашувате какви гаранции имаме, јасно е: она што е договорено е договорено и нема повеќе што да се договара. Сега треба да се исполни тоа што е договорено, и нема повеќе простор да се прашува што уште треба да се договара“, одговори Кошта на директно новинарско прашање дали ЕУ е подготвена да и ги даде бараните гаранции на Северна Македонија.
Нема план „Б“
Во следното прашање, тој дополни и дека не постои план „Б“ за отворање на преговорите.
„Не ви треба план Б, туку само реализирање на планот А и тоа е нашиот фокус, тоа е фокус на премиерот Мицкоски и тоа треба да биде фокусот на 27-те земји-членки на ЕУ,“ рече Кошта.
„Пораката на претседателот Кошта е онаа што ние ја слушаме подолго време и претпоставувам ќе ја слушаме уште долго време“, одговори Мицкоски.
„Јас сум на истиот став дека евроинтегративниот процес треба да се темели на вредности, а не на билатерални прашања. За жал претходната влада прифати такво билатерално прашање да биде дел од нашата европска иднина. Јас тоа не можам да го прифатам и нема никогаш да го прифатам.
И ќе се борам колку можам да најдеме начин да излеземе од овој процес во којшто сме сега“, порача Христијан Мицкоски.
Извор : Дојче Веле