КОЦЕВСКИ : ДАЛИ ЗА ПРОФИТ НА НЕКОЈ ОД ВЛАСТА НАРОДОТ ЧЕКА ВО РЕДИЦИ НА МИНУСНИ ТЕМПЕРАТУРИ ЗА ВАДЕЊЕ НА ПАСОШИ?

0
365

Почитувани,

Власта не го решава проблемот со пасошите. Граѓаните се уште на минусни температури во редици чекаат за поднесување на барање или подигање на личните документи од пунктовите на МВР.

Проблемот е целосно во корумпираната власт, а сега ќе објасниме и како: За добивање на било каков личен документ, потребно е да се јавите и да добиете термин преку кол центарот на МВР. Доколку успеете да ги добиете на телефон, ќе ви закажат термин најрано во наредните 5 месеци отсега за редовна, а за итна постапка нешто порано.

Откако ќе дојдат на ред и граѓаните ќе отидат на пунктот тие веќе пред нив гледаат редица, но и луѓе кои без да се дел од списокот поминуваат преку ред. Ова е можно затоа што власта на одредени лица преку раководниот кадар во МВР поставен од Спасовски, со ургенции им овозможува да го прескокна редот, но и да се сликаат за лични документи без притоа да се на списокот на закажани, а ставањето на списокот се прави на лице место, по ургенциите на раководниот кадар во МВР.

Откако ќе се поднесе барањето, податоците се праќаат во Одделот за информатика, каде пристигнуваат 3 пати повеќе барања отколку што можат да се обработат, а хаосот настанува токму од лицата кои по ургенција се ставени на списокот, а не се дел од претходно закажаните преку Кол центарот.

Овој застој на дневно ниво прави притисок како за производство на лични документи така и за нивното издавање.

Со сето ова се зголемува и ризикот од дефект на машините за правење на личните документи, кои се набавени пред 15 години, а знаеме Спасовски во изминативе 7 години нема набавено ниту една.

Одиме понатаму,

Истиот проблем се создава и со подигањето на личните документи од шалтерите на МВР, лицата кои преку ургенции ќе дојдат не чекаат на ред, ниту пак даваат отпечатоци од прст како што тоа формално е регулирано, туку зад шалтер ги добиваат документите.

Прашуваме дали раководните лица во МВР на Спасовски за ова имаат тарифа која се движи од 20 до 50 евра?

Дали за нечиј бизнис граѓаните во ред во нечовечки услови на минусни температури треба да чекаат со саати за да се сликаат или подигнат личен документ?

Сето ова може многу лесно да се реши, и со таа цел денес предлагаме неколку решенија:

1. Пристап во салата со базни станици за земање биометриски податоци да имаат само лицата кои имаат закажан термин. Редот да го регулира полициски службеник.

2. Реактивирање на СМС известувањето дека личниот документ е готов и нивна дистрибуција до точно определен шалтер за негово издавање.

3. Дисперзија на готовите лични документи во полициските станици од каде територијално припаѓа граѓанинот.

4. Итна набавка на доволна количина обрасци за издавање на лични документи или кривична одговорност за помошникот министер за општи и заеднички работи бидејќи во меѓувреме свесно реализирал и завршил повеќегодишни јавни набавки за други потреби во МВР но не и за оваа клучна услуга која се нуди на граѓаните

5. Повторно активирање на дисплеите за тоа кое лице на која базна станица и во колку часот е следно за сликање за личен документ.

6. Санкционирање на сите раководители и службеници кои ќе го компромитираат процесот на издавање на лични документи (пуштање преку ред, издавање готови документи надвор од постапка, намерно затајување на системот за набавка на обрасци, намерно забавување на информатичкиот систем за производство на лични документи).

Хаосот и понижувањата може да запрат. Оваа власт мора да падне. Никогаш не било полошо. Важно е да ги поразиме.