Знаеме дека Бугарија и Северна Македонија ќе постигнат договор за заштита на бугарското малцинство, порача еврокомесарката за проширување Марта Кос. „Геополитиката во последните години се промени не само поради Украина, туку и поради САД. Денес треба да дејствуваме побрзо и да го забрзаме процесот на проширување“, изјави Кос, која е во посета на Бугарија.
Според неа, за првпат во историјата на проширувањето, Европската Унија се соочува со надворешни сили кои посакуваат нејзин неуспех. Таа нагласи дека проширувањето е приоритет и дека тоа е најважно за Унијата, посочувајќи на земјите од Западен Балкан. „Западен Балкан е во поинаква ситуација од Украина. Досега имаме два фаворита – Црна Гора и Албанија. Деновиве ќе отвориме ново поглавје со Албанија. Ако продолжиме вака, би можеле да ги завршиме преговорите со Црна Гора во 2026 година, а со Албанија во 2027 година.
Би сакале што поскоро да се отворат преговорите со Република Северна Македонија. Знаеме дека Бугарија и Северна Македонија ќе постигнат договор за заштита на бугарското малцинство“, рече Кос за БНТ.