КОСТОВСКИ : 53 МИЛИОНИ ОД ЕУ ЗА ТРИ КАПИТАЛНИ ПРОЕКТИ, ПРИДОБИВКИТЕ ОД ЕВРОИНТЕГРАЦИЈАТА НА ДЕЛО

0
416

Прес-конференција, Мартин Костовски, пратеник на СДСМ.

Почитувани граѓани, почитувани новинари,

Процесот на евроинтеграција носи конкретни придобивки за државата и за граѓаните, унапредување на инфраструктурата, развој на економијата и раст на стандардот.

53 милиони за Македонија одобри Европската комисија преку повикот за инвестициски грантови за три нови проекти.

Средствата се наменети за спроведување на Економскиот и инвестициски план за Западен Балкан и опфаќаат реновирање на шест хидроцентрали, изградба на ветерен парк во Богданци и изградба на регионални центри за цврст отпад во Полог, Пелагонија, Вардар, југозападниот и југоисточниот регион.

Претходно, во јули минатата година беа одобрени првите четири инвестициски проекти за спроведување на Економскиот и инвестициски план за Западен Балкан, во вредност од 225 милиони евра, за дел од железницата Македонија-Бугарија, набавка на опрема за фотоволтаичните станици Осломеј 1 и Осломеј 2, за фотоволтаична централа Битола, како и за изградба на пречистителна станица за отпадни води во Скопје.

Ова е директна и конкретна помош а нашата држава да ги изведе реформите, но и побрзо и полесно да ги достигне европските стандарди преку подобрување на животната средина и унапредување на инфраструктурата.

Средствата од европските фондови обезбедуваат унапредување на енергетската независност и заштита на животната средина што понатаму сериозно влијае врз подобрување на квалитетот на живот за македонските граѓани.

Со напредокот во евроинтегративниот процес, ќе се отвораат и нови фондови, поддршката за нашата држава ќе биде уште повеќе изразена и затоа е важно секој од нас да покаже одговорност, да даде свој придонес кон носењето на потребните реформи.

Европскиот пат носи развој и напредок на државата, европски вредности и сигурна иднина за подобар живот на граѓаните.