Проблемите на струмичани и изнаоѓањето заеднички решенија за нивно решавање, беа тема на разговор на денешната средба меѓу претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на општина Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски и градоначалникот на општина Струмица Костадин Костадинов, што се одржа во просториите на ЗЕЛС, соопштија преку соопштение од Општина Кисела Вода испратено до медиумите. На состанокот, како што информираат оттаму, усвоени биле неколку заклучоци, а Ѓорѓиевски рекол дека ЗЕЛС е обединета и додека е тој претседател, сите проблеми ќе се решаваат на заедничка маса.
-Со добра волја и на заедничка маса, да дојдеме до заедничко и прифатливо решение за сите, беше нотирано денеска на средбата во просториите на ЗЕЛС, која ја одржавме заедно со министерот Цветан Трипуновски и колегата Костадинов од Струмица. Со разговор секогаш се доаѓа до целта, па така оваа плодна средба ќе вроди со плод, бидејќи веќе ги зацртавме правците на траекторијата за трајно решавање на проблемите на граѓаните од Струмица, изјави Ѓорѓиевски по средбата.
Тој инсистира дека кај него не постои поделба по ниту една основа и дека ќе биде медијатор во решавање на сите процеси.
-Политика мора да стои настрана, граѓаните се приоритет, вели Ѓорѓиевски.
На состанокот се договориле да се формира комисија од повеќе научни институции за следење на фактичка состојба на браната Турија и причините за неодамнешното појавување на манган во водата.
-Долгот кој што го има општина Струмица спрема АД „Водостопанство“ ќе биде сервисиран согласно утврдена динамика, а АД „Водостопанство“ ќе ги извршува сервисирањата и услугите од својата надлежност. Дискутиравме за квалитетот на водата која што во моментов според надлежните институции е исправна и чиста за пиење. Драго ми е и што колегата Костадинов го промени својот став и ЗЕЛС останува обединет, вели Ѓорѓиевски.
Костадинов, пак, се огласи нешто подоцна преку објава на Фејсбук:
„Позициите на Струмица исполнети! -Деполитизација на предизвикот со водата во брана Турија! -Работна експертска група која ќе даде дијагнозата и насоките, краткорочни, среднорочни и долгорочни за превенција на повторно појава на високо ниво на манган во водата. -Динамика која ќе мора да ја почитуваме за сервисирање на долгот кон АД Водостопанство. -Целосно превземање на обврските согласно надлежностите на АД Водостопанство, МЗШВ, општина Струмица. Затоа и беше активиран алармот, за да најдеме заедничко решение! Кога се сака, се може“, напиша Костадинов.