КОСТАДИНОВ : ПОТРЕБНА НИ Е СОЦИЈАЛНО ПРАВЕДНА ЕНЕРГЕТСКА ТРАНЗИЦИЈА ЧАС ПОСКОРО, ПРАВЕДНОСТА ОСОБЕНО КОН РАНЛИВИТЕ ГРУПИ ГРАЃАНИ ВО ВРЕМЕ НА КРИЗА Е НАДЕЖ И ТЕМЕЛ ЗА НОВ ПОЧЕТОК

0
233

Социјално праведна еколошка трансформација е темата на која викендов во Скопје дебатираат прогресивните лидери, претставници на граѓанското општество, академската заедница, синдикатите, младите и новинарите како дел од Социо-еколошкиот форум.

На вториот панел на тема „Преобликување на нашите градови преку климатски позитивен развој“ говореа министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова, како и градоначалници од градови во Северна Македонија, Албанија, Хрватска и Босна и Херцеговина.

Градоначалникот на Општина Валандово Перо Костадинов рече дека праведноста, како универзална вредност кон која стремиме, особено кон ранливите групи граѓани, во време на криза претставува надеж и темел за нов почеток.

„Социјалната правда во време на криза е суштинскиот столб преку кој општеството останува праведно и вредно да опстане. Социјалдемократијата како политичка доктрина е повеќе од потребна денес. Сега е време за храбри социјалдемократски политики и решителни индивидуи, кои силно веруваат во истите. Потребна ни е енергетска транзиција час поскоро, во која ќе учествуваат сите групи на граѓани. Зелена енергија достапна за секој еден човек е заедничка цел. Продолжуваме напред, одговорно“, рече Костадинов.

Марин Грегоровиќ, градоначалник на Црес (Р. Хрватска) истакна дека очекува за 20-30 години Црес ќе биде остров со нулта емисии на штетни честички, благодарение на прокетот за управување со отпад.

„Започнуваме проект со производство на водород и производство на електрична енергија од водород. Од био отпадот ќе произведуваме електрична енергија за што ги имаме добиено сите потребни дозволи“, рече Грегоровиќ.

Министерката Шукова истакна дека Владата и Министерство за животна средина и просторно планирање, како одговорна институција за климатските промени, се силно посветени на справување со климатските промени и ефективно спроведување на Законот за климатска акција штом ќе биде усвоен.

„Ова, меѓу другото, би значело дека ние сме посветени на континуирано градење капацитети за климатски активности, насочени кон сите засегнати страни, владини и локални самоуправи, јавниот и приватниот сектор, граѓанските организации, младите, ранливите групи, меѓу кои силната соработка е од суштинско значење. Имаме докажани партнери во научни институции, чие знаење дополнително ќе биде искористено во исполнувањето на нашите амбициозни климатски цели. Нашата генерација е сведок на катастрофалните влијанија на климатските промени на глобално ниво и на сите сектори, од инфраструктурата до безбедностата на храната и здравјето на луѓето“, рече Шукова.

На вториот панел учествуваа Емириана Сако, градоначалничка на албанскиот град Драч, Ања Маргетиќ Стакиќ, заменик градоначалничака на главниот град на БиХ Сараево и Деан Коциќ, претставник од Енергетска Кооператива Пониква од Крк, Р. Хрватска. Тие истакнаа дека земјите каде што граѓаните се соочуваат со енергетска сиромаштија, еколошката трансформација не е само техничко туку и економско и политичко прашање. За да се реши правилно потребни се промени во политиките, бизнисите и во целата заедница.