Како транспарентен градоначалник, сакам во мое име и во име на советниците од СДСМ да одговорам на реакциите на ВМРО-ДПМНЕ и помалата ЗНАМ и секако на директорите од АД Водостопанство.
По убедување сум Социјалдемократ и како таков интересот на поединецот, граѓанинот ми е на прво место, пред интересот на крупниот капитал. Сметам дека и јас и советот донесовме вистинска одлука да НЕ ја зголемуваме цената на Водата во време кога имавме енергетска, економска криза, свесни дека со тоа би се зголемиле обврските на јавните претпријатија, нехумано е кога граѓаните едвај врзуваат крај со крај јас да дадам предлог за зголемување на цената на водата.
Но, во исто време го почитувам политичкото битисување на секој политички чинител затоа предлагам, ЗНАМ и ВМРО-ДПМНЕ да предложат до Советот на општина Струмица, точка преку која ќе предложат драконско зголемување на цените на комуналните услуги. За мене од сега кажувам тоа ќе биде неприфатливо, верувам и за голем дел од мнозинството советници. Овде ја користам приликата да се ИЗВИНАМ што во криза не ги зголемивме цените на комуналните услуги, за да некој продолжи да седи во фотелјите и да испорачува фактури за услуги кои воопшто не ги дава.
Со почит, Костадин Костадинов