Кон обидите за промена на името на училиштето „Мирче Ацев“ во село Лажани Прилепско

0
363

Потезите за негирање на Националноослободителната и антифашистичка борба во Македонија станаа реалност и преку историографскиот ревизионизам, но и преку конкретни општествено-политички потези кои ги превземаат националистичките и десничарски сили во македонската држава. Обидот за промена на името на училиштето „Мирче Ацев“ во село Лажани, Прилепско е само уште еден чекор во овој „крив пат“. Деновиве се менуваат имиња на училишта и во Чаир, Долнени и на други места.

Кој тоа предлага и гласа за таквите промени? Кој се тие „јунаци“ што го бришат славното македонско минато? Знаат ли тие кои се нафатиле со такви „храбри потeзи“ кој е, на пример, Мирче Ацев? Знаат ли нешто, воопшто, за семејството Ацеви и нивното значење за слободата на оваа македонска земја?

Да потсетиме, на кратко.

Мирче Донев Ацев е роден во село Ореовец, Прилепско, на 20 септември 1915 година. Бил еден од најактивните членови на Студентското друштво „Вардар“ во Белград. Ја раководел партиската печатница на Покраинскиот комитет на КПЈ за Македонија. По фашистичката окупација бил еден од поистакнатите организатори и раководители на антиокупаторската борба. Од крајот на 1941 до пролетта 1942 година, во својство на инструктор на Покраинскиот комитет бил на партиска илегална работа во Битола, а освен таму ги и координирал и активностите во Ресенско и Охридско. Од септември 1942 година бил на теренот на Прилепско и Велешко каде во својство на член на Главниот штаб на НОВ и ПОМ работел на организирање на партизански одреди. На 17 декември 1942 година бил уапсен од бугарската полиција. По жестоко мачење и неговото херојско држење, на 4 јануари 1943 година, бил убиен со фрлање од прозор со цел неговата смрт да се прикаже како самоубиство. За народен херој бил прогласен на 29 јула 1945 година. Неговото име го добил првиот партизански баталјон на НОВ и ПО на Македонија, формиран на 18 август 1944 година. Тоа била прва регуларна воена единица на НОВ и ПОМ. По осамостојувањето на Македонија, денот на формирањето на баталјонот е прогласен за Ден на македонската армијата.

Петре Ацев е истакнат припадник на македонското револуционерно движење, околиски војвода на Македонската револуционерна организација во Прилепско и учесник во Илинденското востание. По востанието, бил член на Битолскиот револуционерен окружен комитет. Мирче Ацев е прилепски и неврокопски војвода и истакнат припадник на македонското револуционерно движење. Во 1899 г., емигрирал во Софија. Бил обвинет за замешаност во убиството на Стефан Стамболов и три години бил заточен во т.н. Црна џамија во Софија. По излегувањето од затвор во 1899 г. ликвидирал неколку народни зулумќари во Прилепско и потоа пак емигрирал во Бугарија. Станал војвода на чета на МРО најпрво во 1899 г. во Неврокопско (ден. Гоцеделчевско), Пиринскиот дел на Македонија, а потоа во Прилепско. Во 1901 г. пак се вратил во Неврокопско. По предавство, четата била опколена од османлиската војска и откако бил тешко ранет на 17 септември 1901 година, загинал заедно со целата своја чета кај село Уланци, Штипско. Ѓорѓи Ацев е истакнат припадник на македонското револуционерно движење, војвода на Македонската револуционерна организација во Прилепско и Велешко, а како таков околу две години водел борба со османлиската војска и жандармерија и со грчките и српските чети. Во судир со српска четничка формација на војводата Глигор Соколов-Ламе во Велешко, бил тешко ранет и за да на падне жив во нивните раце, се самоубил на 25 јуни 1906 г.

Вера Ацева–Доста е истакнат македонски национален и државен деец, секретар на Месниот комитет на КП во Прилеп во 1941 година и учесник во славниот напад врз бугарскиот полициски участок на 11 октомври со што бил означен почетокот на антифашистичката и антиокупаторската борба. Подоцна била заменик политички комесар во Првата македонско-косовска ударна бригада. По ослободувањето извршувала разни партиски и државни функции и била прогласена за народен херој.  Починала во Скопје на 10 ноември 2006 г.

Имајќи го сето ова во предвид, знаејќи дека се работи за луѓе-борци, за луѓе со искрена љубов за татковината и нејзиниот слободен развој, за луѓе кои посакуваа еден поубав, похуман, поправеден свет за сите во Македонија, за луѓе преку кои појасни ни стануваат разликите меѓу доброто и злото, меѓу правото и кривото, меѓу моралното и неморалното, меѓу праведното и неправедното, за луѓе кои оставиле трајна трага во државотворноста на Македонија, недозволиво е промената на името на училиштето во селото Лажани, како што недозволиви се промените на имињата од истакнати антифашистички и националноослободителни борци и на други училишта и јавни објекти, на улици и плоштади низ цела Македонија.

Затоа, првенствена задача треба да биде работата на негувањето и зацврстувањето на свеста за македонскиот антифашизам како елемент вграден во македонската државност. Задача треба да ни биде историја која ќе биде вистинит приказ на фактите, историја во согласност со вистината, логиката и националните интереси, историја која ќе ни отвори преспективи за приклучување кон светот, исто онака како што партизаните ни отворија перспективи пред повеќе од седумдесет години.