Доналд Трамп и неговиот заменик Џеј-Ди Венс започнаа кавга со Володимир Зеленски пред очите на светот
Фотографија: Andrew Harnik/Getty Images
Шест недели откако Доналд Трмап се врати во Белата куќа, веќе јасно се оцртуваат насоките за следните четири години во надворешната политика: со Трамп, САД ги ревитализираат односите со Москва на сметка на нападнатата Украина. И наместо да ги вклучи и европските партнери во таквата промена на курсот, американската влада ги нагласува разликите во претходно споделуваните вредности.
„ЕУ е создадена за да ги измами САД“, рече Трамп во средата. Во петокот тој и неговиот заменик Џеј-Ди Венс започнаа кавга со Зеленски пред очите на светот. Украинскиот претседател всушност дојде во Белата куќа за да потпише договор за суровини и наместо тоа беше навредуван од Трамп и Венс.
Дали Трамп става крај на западниот светски поредок?
Историчарот Норберт Фрај, кој го предводи центарот за историја на 20 век при универзитетот во централно-германскиот град Јена, ова го смета за крај на светскиот поредок поставен по Втората светска војна и историски пресврт во размери од распадот на Советскиот Сојуз. „Целта е јасна: глобален триумвират со Доналд Трамп, Ши Џинпинг и Владимир Путин“, вели Фрај за јавниот радио-дифузен сервис Дојчландфунк. „Она што Трамп не сака да го прифати е дека САД се борат како светска сила во опаѓање. И тие во моментов се ослободуваат од нивниот единствен вистински сојузник, имено Европа. А и таквата Европа сега е сосема сама“, вели Фрај.

Фотографија: Kevin Lamarque/REUTERS
Затоа во Европа се водат дипломатски консултации за да се најде заеднички одговор – прво во Лондон, а потоа на специјалниот самит на ЕУ во Брисел. „Се надевам дека ќе сфатат оти сме сведоци на јасна промена на курсот во светската политика“, вели Михаил Алексеев, политиколог од Државниот универзитет во Сан Диего во Калифорнија. „Дискусијата во Овалната соба не беше само спор меѓу двајца лидери. Спорот сигнализира големо оддалечување на САД од Европа. Не можеме веќе да ги земаме здраво за готово безбедносните гаранции на САД не само за Украина, туку можеби и за НАТО“, оценува Алексеев за ДВ.
„Не се забележува целосно прекршување“
Пред една година Трамп кој тогаш уште беше во предизборна кампања – ја доведе во прашање воената поддршка на САД за членките на НАТО чии трошоци за одбрана се под заеднички дефинираната цел на Алијансата. Тој „дури и би ја охрабрил Русија да прави што сака“, рече Трамп во февруари 2024 година за време на настап во Јужна Каролина. Тој во друга прилика ги повика Европејците да инвестираат во иднина пет проценти од БДП за одбраната. Лаура фон Даниелс, шеф на истражувачката група за Америка во Германската фондација за економија и политика од Берлин, исто така укажува на големата неизвесност во однос на безбедноста. Во интервју за ДВ таа сепак оценува дека моментално не се забележува тотален прекин на трансатлантските релации.

Фотографија: Valery Sharifulin/ITAR-TASS/imago
„Мислам дека ситуацијата ќе биде тешка и дека тој е подготвен да им наштети на интересите на Европската унија, како во однос на безбедносната политика, така и во економската, на пример со казнени царини. Сето тоа е точно. Но, сепак не е во негов интерес преку ноќ да ги прекине сите односи со Европа“, вели Фон Даниелс. Таа укажува на економско-политичките планови на Трамп – на пример, дека Европа за него е најважен пазар за продажба на течниот гас ЛНГ. Од таму, економскиот притисок веројатно ќе се зголемува, смета таа и вели дека „царините за челик и алуминиум треба да бидат воведени на 12 март“, а на пролет и на лето Европа ќе мора да смета на дополнителни царини – на пример за автомобили. Трамп со таквите мерки сака да го избалансира трговскиот биланс меѓу ЕУ и САД. Според американските податоци, во 2024 година САД купиле за речиси една милијарда евра повеќе стоки и услуги од Европа отколку обратно. Генерално, постојните трансатлантски односи се доста корисни за Трамп, вели експертот и додава дека „секако е оправдано прашањето дали тие и натаму ќе се дефинираат како сојуз на западни вредности“.
Габриел: Трамп сака да ја заслабне Европа
Од перспектива на поранешниот политичар од СПД, Зигмар Габриел, сојузен министер за надворешни работи до 2018 година и потоа претседател на германско-американското здружение Атлантски мост, американската влада веќе не ја гледа Европа како сојузник. Германскиот дневен весник „Аугсбургер алгемајне“ го цитира Габриел со зборовите дека Трамп „нема што да ѝ прави на Европа, бидејќи неговото гледиште на светот е речиси спротивно на нашата европска претстава за меѓународна соработка. Сигурен сум дека сака да ја заслабне, па дури и да ја уништи Европа, затоа што всушност ние сме сепак многу големи кога се држиме заедно. И тоа му пречи“. Во однос на планираните разговори меѓу Трамп и Путин за завршување на војната во Украина, Габриел потсетува на Конференцијата во Јалта, на која САД, Советскиот Сојуз и Велика Британија нешто пред крајот на војната во 1945 одлучија да ја поделат Германија.
„Силните момци во светската политика“
„Трамп има своевидна ‘Јалта 2.0’ во главата, во која ‘големите момци’ на светската политика ги маркираат своите сфери на влијание, а на малите им преостанува само да внимаваат во која ќе потпаднат“, вели Габриел. Која е целта на Трамп, за експертот Лаура фон Даниелс не е толку очигледно. Но, од ситуацијата во петокот јасно се гледа дека Украина му е пречка на патот за директни преговори со Путин. Таа за спорот во Овалната соба вели дека „има обележја на она што ни е познато од авторитарни шефови на држави“.
Во меѓувреме, Институтот за проучување на војната со седиште во Вашингтон објави анализа во која се вели дека евентуалното запирање на американската поддршка за Киев ќе ја зголеми „веројатноста за руска победа“ во Украина. Тоа би можело да го зацврсти Путин во неговата стратешка цел, да бара поголема контрола и врз другите поранешни советски републики, вклучувајќи ги и членките на ЕУ и на НАТО, Естонија, Латвија и Литванија. Од друга страна, САД би изгубиле дел од влијанието во светот.
Извор : Дојче Веле