Консултант на Владата ја купува Алфа банка

0
511

Швајцарскиот фонд Silk Road Capital AG, чијашто дејност е вложувања во банки и финансиски компании и управување со средства и недвижен имот, чека одобрување од Народната банка за да стане нов сопственик на Алфа банка во земјава. Овој фонд е основан пред шест месеци, со седиште во швајцарскиот град Цуг, со капитал од 100.000 швајцарски франци, објави БИРН.

Зад Silk Road Capital AG, како претседател на Управниот одбор од крајот на март годинава, стои Швајцарецот со пакистанско потекло, Anisur Rehman Khan, кој е и основач на компанијата Lonestep Gmbh, којашто Министерството за финансии за 295 илјади евра ја избра да му обезбеди консултантски услуги за воспоставување на слободната финансиска зона во Македонија.

Консултантите требаше да направат анализа на атрактивноста на земјава за воспоставување финансиска зона. Освен ова, швајцарската фирма требаше да развие и концепт за развој на слободната финансиска зона, но и да направи анализа за регулативата која треба да се донесе од страна на државните институции за воспоставување на зоната.

До денеска во јавноста нема информации што се случи со проектот за отворање на финансиската зона, но неофицијално се дознава дека властите се откажале од идејата, бидејќи се покажала како ризична од аспект на привлекување сомнителни пари од најразлични локации на планетава.

БИРН стапи во контакт со инвеститорот Khan, но тој засега немал информации што може да ги сподели со јавноста. БИРН дознава и дека гувернерот Димитар Богов, неодамна и лично се сретнал со него, но сѐ уште нема официјална потврда дали и кога Народната банка ќе даде согласност за купување на банката.

Според неофицијалните информации на БИРН, процедурата е во завршна фаза и се очекува централната банка да даде согласност за купување на Алфа банка.

За операцијата за купување на Алфа банка се огласи и Комисијата за заштита на конкуренцијата, која објави дека примила известување за концентрација со која Silk Road Capital AG стекнува директна контрола над Алфа банка и врз основа на прелиминарното испитување, Комисијата утврдила дека „предметната концентрација може да потпадне под одредбите на Законот за заштита на конкуренцијата“, но „сепак конечната одлука по ова прашање е резервирана“

Инаку, целата постапка на проверка на потенцијалниот инвеститор во Народната банка се држи во голема тајност.

За да издаде согласност за купување акции во банка, Народната банка анализира колкав удел на акции сака инвеститорот да купи во одредена банка, а ако има намера да купи повеќе од третина од акциите, НБМ бара и стратегиски деловен план кој треба да ги содржи очекуваните цели, насоки и перспективи на банката, како и можни предлози за проширување и унапредување на работењето и присуството на пазарот.

Банкарите коментираат дека токму тоа ќе биде пресудно во одлуката на Народната банка – колку инвеститорот има финансиска моќ да ја докапитализира Алфа банка која со години работи непрофитабилно.