КОНЕЧНО ДОМАЌИНСКО РАБОТЕЊЕ ВО РЕК БИТОЛА: Трет обид за набавка на сопствена механизација за РЕК Битола, за 15 години се потрошиле 105 милиони евра кон приватни фирми

0
97

Во периодот од 2006 година досега, државната компанија за производство на електрична енергија АД ЕСМ потрошила 105 милиони евра по основ на ангажирање на надворешна помошна механизација за потребите на рударско-енергетскиот комбинат РЕК Битола. Со цел да се намалат овие милионски трошоци кон приватни компании, АД ЕСМ моментално спроведува нова тендерска постапка за набавка на сопствена механизација. Меѓутоа, една од заинтересираните компании поднела жалба до Комисијата за жалби по јавни набавки, од чие решение всушност зависи исходот на постапката.

По двата неуспешни обиди на АД Електрани на Северна Македонија да набави сопствена механизација за потребите на РЕК Битола, со цел да престане да троши пари за изнајмување на машини од приватни компании, државната компанија за производство на струја моментално спроведува нова, трета по ред, ваква јавна набавка. Според Бирото за јавни набавки, акционерското друштво во државна сопственост во првата половина на јули објавило оглас за набавка на 20 машини за рудниците во рамки на РЕК Битола за сума од 1.378.830.000 денари со вклучен ДДВ, односно 22.420.000 евра. Како што не информираа од АД ЕСМ, пристигнале понуди од 10 компании, при што една од нив поднела жалба во фазата на евалуација.

„Комисијата за јавни набавки при РЕК Битола испрати одговор на жалбата до Државната Комисија за жалби по јавни набавки и се очекува нејзиното решение. Со огласот предвидено е да се набават 20 машини за потребите на ПЕ Рудници, РЕК Битола. Вкупниот износ на јавната набавка е 1.378.830.000 денари со вклучен ДДВ, односно 22.420.000 евра, сопствени средства на АД ЕСМ. Набавката ќе се врши по пат на отворена постапка, преку ЕСЈН, со користење на е-аукција како последна фаза од постапката. Критериумот за избор на економски најповолна понуда се утврдува врз основа на цената – 60 бодови и квалитетот – 40 бодови“, велат од АД ЕСМ, додавајќи дека во следната 2021 година предвидена е уште една набавка на механизација во вредност од 26.000.000 евра.

Инаку, тековната набавка на АД ЕСМ за сопствена механизација е поделена на 20 делови или таканаречени лота, со што им се овозможува на заинтересираните компании што не се конкурентни да одговорат на целатата набавка да можат да конкурираат на еден или неколку нејзини делови, односно да се натпреваруваат за една или неколку машини. Конкретно, договорниот орган бара хидрауличен багер, булдожер, автодигалка, грејдер, утоварувач, телескопски чистач, цистерна, камион-дампер, камион-влекач, камион со товарен сандак… Од дел од овие машини се бара едно парче, но од некои од нив се набавуваат по неколку парчиња.

Притоа, општите услови за квалификација на компаниите предвидуваат да не им е отворена стечајна постапка или постапка за ликвидација од надлежен орган, да платиле даноци, придонеси и други јавни давачки, да немаат забрана за учество во постапки за јавен повик, да немаат привремена или трајна забрана за вршење на одделна дејност итн. Патем, се бара тие да бидат регистрирани како физичко или правно лице за вршење на дејноста поврзана со предметот на договорот за јавна набавка или пак доказ дека припаѓаат на соодветно професионално здружение. Исто така, тие мора да исполнуваат минимален праг за остварени приходи во последните 3 години, кој варира зависно од делот на набавката.

За потсетување, во март 2018 година тогашно АД ЕЛЕМ под раководство на поранешниот генерален директор Драги Миновски објави тендер за набавка на 44 парчиња помошна механизација за РЕК Битола во вредност од 19 милиони евра, за кои беше најавено дека ќе се испорачаат до крајот на годината. Воедно, Миновски најави дека веќе следниот месец април ќе биде објавен и тендер за циклична механизација за ископ на јаглен во вредност од 22 милиони евра, чија испорака, пак, требаше да се случи во текот на 2019 година. Арно ама, отворената постапка за набавка на помошна механизација заглави уште во почетна фаза на технички дијалог, додека за другата постапка за набавка на циклична механизација воопшто не се објави ниту оглас.

Така, ситуацијата беше замрзната сè до крајот на 2019 година, кога АД ЕСМ, овојпат под раководство на актуелниот генерален директор Васко Ковачевски, објави нов оглас за механизација за РЕК Битола, чија вредност изнесуваше 19 милиони евра. Сепак, ниту оваа тендерска постапка не беше комплетирана, бидејќи една од компаниите – „Технокс Груп“, поднела жалба до Комисијата за жалби по јавни набавки, по што постапката беше поништена. Во решението на второстепената комисија се наведува дека жалителот „Технокс Груп“ поставил 16 прашања за делови од тендерската документација, но ЕСМ одговорил само на 12 прашања, иако имал законска обврска да одговори на сите.

Во тековната набавка повторно една компанија поднела жалба, од чиј исход во рамки на надлежната Комисија зависи судбината на третата по ред ваква набавка. Во таква ситуација, државната компанија за приозводство на струја во меѓувреме продолжува да ги задоволува потребите за ископ и транспорт и јаглен за РЕК Битола по пат на договори со приватни компании. Последниот таков договор е склучен со битолската компанија „Пелистер“, кој се однесува на изнајмување на механизација во период од една година за ископ на јаглен и меѓуслојна јаловина во износ од 384.680.000 денари или 6.255.000 евра.

„Договорот за ископ на јаглен и меѓуслојна јаловина во ПЕ Рудници, РЕК Битола со Друштвото за градежништво и услуги „Пелистер Битола“ ДОО од 04.09.2020 година беше потпишан по спроведена отворена постапка, преку Електронскиот систем за јавни набавки, со користење на е-аукција како последна фаза од постапката. Основен критериум на огласот беше најниската цена. Се пријавија двајца понудувачи, при што Друштвото за градежништво и услуги Пелистер Битола ДОО понуди најниска цена“, објаснуваат од ЕСМ.

Според информациите што ги добивме од ЕСМ, во периодот од 2006 година до промената на менаџерскиот тим во АД ЕСМ (тогашно АД ЕЛЕМ) во август 2017 година, за ангажирање на надворешна помошна механизација исплатени се околу 5 милијарди денари, односно околу 80 милиони евра. Од промената на менаџерскиот тим во август 2017 година заклучно со 30 јуни 2020 година, пак, по основ ангажирана механизација исплатени се 1.542.153.211 денари, односно околу 25 милиони евра. Доколку се реализираат планираните набавки во оваа и во следната година, тоа би задоволило повеќе од половина од потребите за рударско-енергетскиот комбинат во Битола.

Извор : Фокус