Вчера веднаш по објавувањето на најновата „бомба“ за над 11 илјади метри квадратни земјиште на Водно кое Груевски го купил за себе а е регистрирано на оф-шор фирма од Белизе, реагираше на Фејсбук Леана Таќи која живее на крајот на улицата Питу Гули.
Либертас на 26 јуни минатата година објави дека плац на истата улица Питу Гули купил Талат Џафери.
Тогаш добрупатен читател на Либертас не информираше дека екс министерот за одбрана од ДУИ, Талат Џафери, наскоро ќе биде жител на Водно. Тој, според нашиот извор, купил плац на Водно.
Земјиштето – старо лозје, според соседите, е на Талат Џафери, но не се сигурни дали е на негово име. Како што велат тие, тој секогаш наминувал, најавувал дека ќе гради куќа, но чекал да бидат готови документите, лозјето да стане плац за градење на куќа. Според нашите информации, на плацот веќе биле исечени и сите дрвја, а наводно за тоа Џафери добил дозвола од Град Скопје. Плацот е на улицата Питу Гули, во близина на куќата на фудбалерот Дарко Панчев, тврдеше нашиот читател.
Дека и премиерот си купил огромен плац за хациенда во комшилукот на Талат Џафери тогаш најверојатно не знаеше и оној што не информираше за плацот на екс министерот за одбрана.
Од вчерашната прес конференција на Заев можеше да се слушне дека Груевски се возел со комбе, во друштво на највисоки претставници на извршната власт, барајќи атрактивни локации. Се поставува прашањето дали во комбето заедно со Груевски се возел и Талат Џафери, и дали заедно „ги делеле“ плацевите меѓу себе?!
Денеска на својот Фејсбук профил Петрит Сарачини појаснува од кое семејство е Леана, поточно кои се староседелците на кои Груевски, како што во аудио снимката му објаснува на Јанакиески, ќе им направел ѕид од 6-7 метри, за да гледале во ѕид а не во хациендата што ќе ја гради.
„Укратко за „бомба“ 10 – Пастирот, оној што ја инсталираше културата на стиропор, гипс картон и копитијади, си купил за џабал’к од неколку милиони евра плац на Водно. Сакал со ѕид да се заштити од погледите на комшиите одоздола.
А кои се комшиите одоздола? Е па семејството на истакнатиот борец и комесар од НОБ Хамид Таќи, кој се борел за слободата на Македонија, и на Гранит Таќи, кој со својот бенд „Лева патика“ на македонската современа култура му го подари еден од најголемите музички хитови на сите времиња, „Неправда“.
Ве потсетуваме на вчерашните објавени снимки.
[youtube height=”500″ width=”600″]https://www.youtube.com/watch?v=KNy8hhamE3U[/youtube]
Разговор помеѓу Миле Јанакиески и Никола Груевски
МЈ: Ало?
НГ: Што правиш Миле?
МЈ: Добро, прес ќе имам сега.
НГ: Што имаш?
МЈ: Прес, прес.
НГ: А, прес. На која тема?
МЈ: За ова, за градежново земјиште, на луѓево што му овозможуваме ова со надоврешниве договори, добро е тоа, да го промовираме.
НГ: А супер е тоа, супер, да. Знаеш што ми текна мене. Вчера ова ливчево што ми го покажа ти.
МЈ: Добро.
НГ: Ми викаш пола патот е ваму, пола е таму, така?
МЈ: Грубо, да.
НГ: Па да им го бутнеме таму поише. На нивна територија, мислам на работ кај нив, ама цело кај мене да се гледа.
МЈ: Види, максимално е направено, бидејќи оди по срт некој. После ќе има многу дополнителни работи, од тој аспект. Зошто е баш на сртот на тоа како што е самата топографија, оти после е малку као, као стрмина. И ние го гледавме, максимално да се направи, за да може патот да се направи.
НГ: Добро, добро, тоа не го знаев. Ја мислев дека е рамно, си викам што па на пола?
МЈ: Не, не. Прво беше, ако се сеќавате…
НГ: Тие да беа на наше место на пола ли ќе го стаат?
МЈ:..малку погоре, па го спуштивме ние најдолу што може, за да, оти после е пад голем.
НГ: Мхм. Добро, океј ако е така, океј.
МЈ: Ќе проверам уште еднаш дали може да оди пониско, ама максималното…
НГ: Таму знаеш што може да се направи? Може, за да не се гледаат одоздола да се дигне малце потпорен ѕид, да се напуни со земја и ќе гледаат у ѕид. Тоа ми текна.
МЈ: Така да. Ќе проверам уште еднаш.
НГ: Едно 6-7 метри дигаш потпорен ѕид и они одоздола гледаат у ѕидот.
МЈ: Така.
НГ: А го израмнуваш горе ти, така?
МЈ: Да, да, да.
НГ: Подигањето, и се израмнува.
МЈ: Уствари така ќе дојде малку патот, ќе имаат тука малку насип. Како и да е, ќе мора да има насип.
НГ: Да. Добро.
Извор: Либертас